Честитки за Македонија и премиерот Заев од Могерини, Хан, Бејли, Столтенберг, Ципрас

Веднаш по изгласувањето на четирите уставни амандмани со кои ќе се промени уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија по стапување во сила на Договорот од Преспа, почнаа да пристигаат честитките.

Првата, од самата Влада на РМ која им честиташе на сите граѓани и на сите пратеници за преземената одговорност со која, потенцираат, на земјата и се отвораат вратите за НАТО и ЕУ.

Од меѓународниот фактор прва пристигна заедничката честитка од Високата претставничка на ЕУ Федерика Могерини и комесарот Јоханес Хан кои ни упатија “искрени честитки за гласањето на Парламентот за уставните измени денес”, изјавија тие преку соопштение.

Според нив “ова е клучен чекор во спроведувањето на историскиот договор во Преспа”.

“Политичките лидери и граѓаните ја покажаа својата решеност да ја искористат оваа уникатна и историска можност во решавањето на еден од најстарите спорови во регионот и решително да напредуваат на патот на Европската унија. ЕУ силно го поддржува овој договор кој создава пример за помирување за регионот и за Европа како целина.

Хан одлучи да се обрати и со лична порака до македонските граѓани и македонската влада.

Се огласи и американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли кој пренесе дека САД ја поздравуваат одлуката на избраните претставници.

„Кога процесот ќе заврши со ратификување од страна на Грција овој договор конечно ќе го реши спорот за името, кој предолго ги спречуваше граѓаните на Македонија да ги реализираат своите цели за членство во ЕУ и НАТО алијансата“,кажа Бејли.

Пристигна и честитка од генералниот секретар на НАТО алијансата Јенс Столтенберг до премиерот Заев. Тој нагласи дека Алијансата силно ја поддржува целосната имплементација на Договорот од Преспа, како придонес за стабилен и напреден регион.

Европратеникот Едвард Кукан од ЕПП исто така им честиташе на пратениците за, како што кажа, „одговорното“ гласање на уставните измени, кои го отвораат патот за имплементација на Преспанскиот Договор.

„Со нетрпение ја чекам евроатлантската иднина на Северна Македонија“, твитна Кукан.

Европратеникот од социјалдемократската партија, Кнут Флекенштајн, му честиташе на „народот од Северна Македонија“.

„Парламентот се одлучи за европскиот пат. Ви благодарам премиере Заев и министре Никола Димитров што покажавте вистинско лидерство. Сега е на Европскиот совет да покаже исто така лидерство и да си ги исполни ветувањата“, напиша европратеникот.

Се огласи и грчкиот влада кој информираше дека премиер Алексис Ципрас директно му честитал на Заев за успешното завршување на процесот на промена на македонскиот устав врз основа на преспанскиот договор.

Сега следува гласање на преспанскиот договор во грчкиот парламент.

Ивор Мицковски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ