
Чешка на списокот на Јанева за локација каде се одлевале украдени македонски пари
СЈО истражува дали пари заработени со корупција и криминал во Македонија се изнесени и префрлени во други сметки, потврди специјалната обвинителка Јанева. Таа посочи неколку држави и ја спомна истрагата за Скопје 2014-та, објаснувајќи дека СЈО интензивно работи на истраги за финансиски криминал и бара помош и во странство.
На списокот како прва, Јанева ја нареди Чешка- државата во која имаше чести наводи дека во неа имот има екс директорот на УБК Сашо Мијалков. Но Јанева не спомна име на осомничени, чиј имот во странство го истражува. Од друга страна потврди дека има постапка и за разговорите од бомбите на Заев во кој се слушаат разговори на лидерот на ДУИ со Бекир Асани, поврзани со објект дивоградба изграден во општина Чаир спроти американската амбасада.
Специјалната обвинителка побара адвокатите да не ги одолговлекуваат намерно судењата во случаите на СЈО и вели дека и адвокатската комора треба да преземе мерки за заштита на интегритетот на адвокатите. До јуни, најдоцна до септември Јанева очекува државата и владата да го решат проблемот со статусот на СЈО, кое од лански јуни нема право да поднесува обвиненија. СЈО врши истраги, но не може да ги ефектуира со обвинителни.
Од друга страна заменик-министерот за правда Оливер Ристовски пак вели дека решавање на статусот на СЈО е предвиден дури за догодина.
СЈО и покрај нерешениот статус денеска преку проект со холандски експерти и обвинители го зајакнуваше својот капацитет за оперативни истраги и за меѓународна правна помош. Но политичарите и натаму не го решаваат статусот на СЈО и не го приклучуваат во обвинителскиот систем.
Миомир Серафиновиќ