Чавков тврди дека раководел со извлекувањето на пратениците од Собранието на 27 април

Воведни зборови на адвокатите од одбраната и обвинетите се слушаа цел ден на маратонското трето рочиште од судскиот процес за настаните од 27 април.

Поранешниот директор на БЈБ и шеф на оперативниот штаб на МВР, Митко Чавков, изјави дека тој лично раководел со операцијата за извлекување на пратениците и враќање на контрола во Собранието. Тој го оспори обвинителниот акт против него тврдејќи дека телефонски комуницирал со потчинетите кои ја координирале интервенцијата и дека на негово барање во Собранието биле испратени два вода од Единицата за брзо распоредување а потоа и вод на единицата ПЕП и тим од специјалната единица „Тигар“. Чавков го посочи обвинетиот Пешов како лице со кое бил во контакт и не даде објаснување зошто не одговарал на повиците на тогашниот министер Нухиу. Во своето излагање тој нагласи дека ја издал наредбата за употреба на физичка сила и шок бомби и изрази како што кажа жалење за неуспешноста на одговорот во моментот на влез на толпата во Собранието и „пасивноста и збунетоста на терен“.

Правото на воведен збор го искористија и пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски кои изразија жалење за настаните но во ниту еден момент не дадоа објаснување зошто ги отворија вратите од Собранието. Двајцата се осврнаа на изборот на Џафери за претседател на Собранието за кое обвинителството смета дека се обиделе да го спречат тврдејќи дека со самото присуство обезбедиле кворум и дале легитимитет на настанот. Мукоски кажа дека не познава ниту еден од обвинетите освен неговите колеги пратеници и дека немал контакти со никого во судницата. Василевски пак, изјави дека немал намера да повреди никого а за нападот врз пратениците дознал дури откако бил евакуиран од Собранието. И Мукоски и Василевски кажаа дека жалат за тоа што им се случувало на колегите пратеници во прес центарот.

Правото на воведен збор го искористи и обвинетиот Игор Југ кој е посочен од Обвинителството дека имал задача да го ликвидира тогаш пратеникот а сега премиер Зоран Заев. Тој кажа дека со самата појава ги привлекол камерите и дека лутал низ Собранието. Југ ги отфрли наводите дека бил најмен како убиец. Околу наводите за ликвидација неговиот адвокат кажа дека обвинителството нема никаков доказ и дека се клевета.

Адвокатот на Александар Василевски Нинџа кој според обвинителството го координирал упадот во Собранието пак најави дека како сведок во постапката ќе го повика телохранителот на тогашниот премиер Груевски со кого телефонски контактирал но и дека ќе докаже преку базните станици дека Василевски никогаш не влегол во Собранието.

Судскиот процес продолжува во понеделник кога обвинетите ќе се изјаснат дали се чувствуваат виновни а потоа следи главната расправа на која треба обвинителството да ги презентира доказите и сведоците од истрагата.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2026 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ