Чаура од куршум во близина на местото каде е закопан човечки труп кај Горна Матка- првични сомнежи за убиство

Дупка со остатоци од скафандери на истражители, неподнослива смрдеа и чаура од куршум во близина, ова го затекна екипата на ТВ Телма на местото каде полициска патрола вчера навечер пронашла човечки труп.

Официјалната верзија е дека полициски тим кој патролирал во ова планинско подрачје на дваесетина метри од асфалтниот пат забележала човечки череп од маж закопан во земјата. Тоа се наоѓа под карпата на која се исклесани стиховите од Непрочитано писмо на Анте Поповски.

Местото е познато на планинарите и на љубителите на природата, но за полицијата стана место на злосторство.

Првичните сомнежи се дека станува збор за убиство поврзано или со киднапирање или со случај на исчезнат човек.

Телото е предадено на обдукција каде ќе се вршат и ДНК анализа и други вештачења. Жртвата била во полулежечка речиси клекната состојба. Нема информации какви траги од насилство има.

На дваесетина метри од местото каде е пронајден труп забележавме и чаура од пиштолски куршум. Таа не е подигната за вештачење.

Од полицијата тврдат дека патролата која околу полициски час проверувала дали во тој реон има групирање по викендици или излетници на отворено- ја нашле жртвата и дека немало пријава до нив од никој. Телото било закопано плитко, а диви животни го ископале врвот на главата на загинатиот.

Истрагата допрва ќе проверува и ќе бара кој е закопаниот среде планина.

На локација каде покрај необелeжаниот гроб за да се сокрие едно злосторство има остатоци од логорски огништа на излетници кои престојувале во непосредна близина на сега веќе морничавото место на злостор.

Миомир Серафиновиќ

 

Сооопштение на ЈОРМ за случајот:

Вчера попладне, на местото викано Осој во атарот на селото Чајлане, во близина на патот кон Националниот парк „Јасен“, полициски службеници пронашле безживотно човечко тело во распаѓање. Местото веднаш е обезбедено, а денеска, започнувајќи од утринските часови, извршен е увид на лице место од страна на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје и увидни екипи на Министерството за внатрешни работи. На местото на настанот беше присутна и екипа на Институтот за судска медицина, криминалистика и медицинска деонтологија.

Во текот на увидот, по наредба на јавен обвинител, телото е откопано и веднаш е предадено за обдукција. Обезбедени се траги од лице место и по наредба на јавниот обвинител тие ќе бидат извештачени.

Воедно, ќе се прават и други проверки за да се утврди идентитетот на лицето, причините за смртта и причините заради кои телото било закопано на таа локација.

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ