
Час поскоро ќе се вратат дома закрепнатите од автобуската несреќа кај Лесковац
Повредените од несреќата во Лесковац ќе го заменат болничкиот кревет со домашен. Министерот Филипче кој ги посети нив дента кога се преврти автобусот, денес потврди дека тие се во добра состојба и веќе се организира нивниот транспорт назад кај најблиските.
Утрово само што зборував со директорот на болницата во Лесковац и спремаме транспорт за сите пациенти коишто се таму сместени. Тоа беа осум пациенти коишто веќе се во добра состојба и може да се вратат дома, рече министерот Филипче.
Во Клиниката во Ниш се сместени другите шест патници кои потешко се повредиле во превртениот автобус. Дел од нив дишат на машини, но нивната состојба останува стабилна, уверува министерот. Кога ќе закрепнат и тие ќе се вратат дома.
Во Клиничкиот центар во Ниш се сместени посериозно повредените пациенти, вкупно шест. Едниот од нив утрово е префрлен на одделение, а остануваат вкупно петорица во одделението за интензивна нега од коишто двајца се на респираторна машина, виталните параметри им се стабилни и нема никакво влошување од пред два дена кога бевме во посета, рече Филипче.
Истрагата допрва треба да покаже, дали несреќата настанала поради непрегледност при лошите временски услови. Или пак, виновен е возачот кој возел пребрзо на влажниот пат. Во несреќата загинаа тројца од вкупно 32 патника кои тргнале на пат во Виена.
Петар Догов