
Чадиковски официјално во преговори за трансфер во Систина
Детскиот кардиохирург Владимир Чадиковски кој пред помалку од една недела даде отказ во клиниката Жан Митрев, ги договара условите под коишто тој може да стане дел од приватната болница Систина. Оттаму за Телма ги потврдија овие информации. Без да кажат повеќе детали за што преговараат и кои се условите коишто се ставени на маса, за Чадиковски да оперира кај нив. Останува нејасно дали од Систина преговараат со Фондот за проширување на својата дејност за да може таму да се прават операции од таков тип.
„Во овој момент можеме да потврдиме само дека преговараме со докторот Чадиковски. Се преговара и со целиот негов тим“, велат од „Аџибадем Систина“
Чадиковски ниту го потврдува ниту го демантира тоа. Тој пред само неколку дена даде отказ од болницата на доктор Жан Митрев. Што го натерало да си замине – засега останува непознато. Телма стапи во контакт со кардиохирургот, но тој не ни откри повеќе детали. Неговиот став околу тоа дали и кои точки од договорот со болницата биле неиспочитувани – ќе го каже јавно следната недела. Во меѓувреме – заминувањето на единствениот лиценциран детски кардиохирург од клиниката Жан Митрев, не значи и крај за ваките операции во таа болница.
„Во Клиниката „Жан Митрев“ и понатаму ќе се извршуваат кардиохируршки операции на децата до една година, на товар на Фондот. Експерти и доктори од Србија, во директна соработка со македонските доктори, ги едуцираат на овозможување соодветен здравствен третман на сите пациенти. Докторот Жан Митрев како кардиохирург смее да оперира и бебиња, нема никакво ограничување“, велат од министерството.
Клиниката на Жан Митрев, првиот договор со Фондот за здравство за правење кардиоваскуларни операции го има од пред две децении и оттогаш се третирани над 1.000 вродени срцеви маани кај возрасни, кај деца и кај бебиња. Последниот склучен договор на Фондот за здравство со Жан Митрев е за периодот од 2014 до 2018 година. Со анекс истиот е продолжен до 30 септември годинава.
Петар Догов