Бузаку достави докази за финансиски криминал на реисот Реџепи

Сулејман Реџепи ги измамил верниците и им земал над седумстотини илјади евра, тврди Скендер Бузаку. Тој денеска во обвинителството достави документи во Обвинителството за кои тврди дека ги докажуваат неговите тврдења и поднесе две кривични пријави против Реџепи, за перење пари и за злоупотреба на службената положба иу овластувања.

Според Бузаку, на верниците кои годинава заминале на аџилак Реџепи им наплаќал далеку повисока цена за такса за престој а парите ги уплаќал преку агенција регистрирана во странство, наместо директно на сметката на саудиското министерство како што тоа го прават верските заедници од други држави.

Според неофицијалните информации, само годинава станува збор за над 1.400 измамени верници.

Бузаку  соопшти дека има докази и за други финансиски малверзации на реисот Реџепи и дека тие исто така ќе бидат доставени во Обвинителството а јавноста запознаена.

Тој потврди дека шпекулациите околу наплаќањето на визи за аџиите кои Саудиска Арабија бесплатно ги давала на ИВЗ се точни и дека собира докази .

Пратеникот и потпретседател на СДСМ, Мухамед Зекири, потврдува дека верниците плаќале за визи кога оделе на аџилак, но тој не бидејќи бил на покана на кралот на Саудиска Арабија.

Тој додаде дека верниците и имамите треба сами да ги решат проблемите во ИВЗ.

Од ИВЗ велат дека Бузаку лаже и најавија тужба за клевета.

„По повод изјавата на Скендер Бузаку во врска со некакви “финансијски злоупотреби“ што наводно биле извршени во ИВЗ, ја известуваме јавноста дека станува збор за уште една лага и измислица   на тој човек. Поради невистините што Скендер Бузаку ги шири во јавноста, ИВЗ во РСМ во наредните денови ќе поднесе тужба за клевета против споменатото лице” –соопштија од ИВЗ.

Судирот меѓу Бузаку и Реџепи за тоа кој ќе застане на чело на ИВЗ трае со месеци.

Апелација пак, на 10 септември ја уважила жалбата на реџепи околу изборот и упишувањето на Бузаку како нов поглавар на ИВЗ а предметот е повторно вратен на одлучување во скопскиот Основен суд 2.

Огнен Чанчаревиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ