Бутарис: Аеродромот „Македонија“ може да се преименува во „Никос Галис“

Градоначалникот на Солун Јанис Бутарис изјави дека треба да се размисли за промена на името на солунскиот аеродром „Македонија“.

– Не велам дека треба да се промени, но само јавно прашувам, да рзмислиме за тоа бидејќи името „Македонија“ „го подели светот, не подели нас“ и од тоа сите губиме, рече Бутарис во изјава за грчката ТВ Скај, пренесува МИА.

Според него, аеродромот би можел да го носи името на прославениот грчки кошаркар Никос Галис, кој, како што вели, е меѓународно призната личност и единствениот од Грција кој влезе во американската Куќа на славните. Како дополнителна причина за преименување на аеродромот, истакнува солунскиот градоначалник, е тоа што туристите кога слетуваат Солун мислат дека доаѓаат во Скопје.

Бутарис смета и дека не се реални грчките стравувања од Македонија и дека проблемот на Грција не е Скопје, туку Анкара, и се поголемото турско влијание во регионот.

Оценува дека сега има реална можност проблемот со името да се реши, а секое одолговлекување би одело на штета на Грција.

– Подобро да добиеме 50 отсто од нешто, отколку 100 проценти од ништо. Изгубивме во Хаг, не можеме да го задржиме ветото за НАТО, изјави Бутарис.

– Предлогот на Бутарис е негов предлог, мислам дека не влегува во плановите на грчката Влада и сметам дека не е предлог што во овој момент би можел да се разгледа, коментира за телевизијата Скај заменик министерот за поморство Нектариос Санторињос.

„Градоначалникот да ги остави дипломатијата и преговорите на дипломатите и да се занимава со неговите надлежности, на пример, со чистење и собирање на ѓубрето во неговиот град“, на Твитер реагираше одговорниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија.

Членот на опозициската група во општинскиот совет на град Солун, Ставрос Калафатис, побара Бутарис да си поднесе оставка.

Од меѓуградската автобуска станица во Солун, што се вика „Македонија“, за солунскиот информативен портал Thestival, велат дека немаат никаква намера, ниту размислуваат за промена на името.

-Немаме таква намера и не знам зошто би се сменило името на станицата. Станицата е приватна и воопшто не разговараме за такво нешто, рекол Јанис Ламбру, претседател на меѓународната автобуска станица во Солун.

Говорејќи пред општинскиот совет, солунскиот градоначалник синоќа ја постави дилемата што ќе прави Грција со името „Македонија“ на аеродромот и на автобуската станица, со објаснување дека многумина што пристигнуваат на солунскиот аеродром „Македонија“ мислат дека се во Скопје.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ