
Булент Ибрахим бил опериран во супстандардни услови, обвинува неговото семeјство
Во јуни требаше да наполни 38 години – но, рутинска ласерска интервенција беше кобна за него. Булент Ибрахим во последните месеци имал проблеми со хемороиди. Пред тоа бил здрав и никогаш не бил во болница за ништо, сведочи неговото семејство кое е завиено во тага. Во последниот период имал големи болки и побрзал да се оперира. Барал кај кој доктор е поевтина операцијата, за таму да отиде да се излечи. Хирургот од приватната ординација му побарал 750 евра за навидум рутинска интервенција. Во големите приватни клиники тоа чини и двојно повеќе. Пред операцијата Ибрахим бил на преглед. „Не му ја прегледаа ниту крвта“, ни кажа неговото семејство. „Го оперираа во просторија која не личи на операциона сала“ дополнија тие.
Мајката Нурије Ибрахим не сакаше да зборува пред камера. Со солзи во очи покажуваше стари фотографии на починатиот син.
Кога синот кажал дека ќе се оперира, таа дошла во Скопје за да им биде поддршка нему и на неговата сопруга. Таткото, Сулејман Ибрахим, бил во домот во Ресен каде чекал информации за состојбата. Во камера просведочи што се случило со неговиот син во тие кобни денови – од кога се оперирал, до кога починал. Непосредно по операцијата имал големи болки.
Од понеделникот до средата, Ибрахим примал инфузија од докторот кој го оперирал во изнајмената операциона сала во Аеродром. Состојбата се влошувала од минута во минута, па го однеле во Градската општа болница „8-ми септември“ за да го спасат. Заедно со семејството, таму бил присутен и хирургот од приватната ординација кој го оперирал.
Булент Ибрахим го погребаа завчера без да му биде направена обдукција на неговото тело бидејќи семејството тоа не го прифатило. Најавија дека ќе побараат институционална разврска на нивниот случај. Го повикаа и министерот за здравство Филипче да прави строги контроли на приватните болници за ваков случај да не се повтори и во иднина.
Петар Догов