
Бугарскиот претседател со нов ултиматум до Македонија
Нова закана стигна од Бугарија за македонското пристапување во ЕУ. Бугарскиот претседател Румен Радев постави улитиматум до заедничката комисија за историските прашања – за еден месец да си ја заврши работата.
„Ако вие можете да дадете гаранција дека за еден месец Комисијата ќе ги реши сите спорни прашања – личности, корекција на учебници, натписи во музеи, позициите на јавните медиуми, тогаш бугарската Влада може да продолжи со политиката на безусловна поддршка за членството на Северна Македонија во ЕУ. Но, ако не може да дадете таква гаранција, Владата треба да преземе конкретни мерки кои ќе влезат како јасни критериуми во преговарачката рамка за Северна Македонија, како задолжителни услови за членство“, рече Румен Радев, претседател на Бугарија.
Радев кој констатира дека комисијата не постигнува напредок, бара брзо дејствување од бугарските историчари во пресрет на самитот на ЕУ на 17-18 октомври на кој ќе се донесе одлука дали земјава ќе добие датум за преговори. Според него, Бугарија ќе ја продолжи поддршката за македонското интегрирање во ЕУ, но само под јасни услови.
„Бугарската поддршка за европската интеграција на северна Македонија не треба да биде на штета на бугарската историја, јазик и идентитет“, рече Румен Радев, претседател на Бугарија.
Радев на ултиматумот се обиде да му даде европска нота велејќи дека не може да се дозволи нерешени меѓусоседски проблеми да бидат внесени во европското семејство.
Инаку мешовитата комисија за историски прашања последната средба ја одржа минатата недела, на која повторно не беше постигнато решение околу идентитетот на Гоце Делчев. Рокот на Радев од еден месец да се решат сите спорни прашања е нереален, ако се знае дека Комисијата има договорената динамика од шест средби годишно, за кои се подготвуваат документи и материјали. Досега се одржани четири состаноци. Според досегашното темпо следната средба би требало да се одржи во октомври или ноември.
Ова не е прв непристоен предлог до Комисијата условен со евроинтеграциите на земјава. На 1 август бугарскиот премиер Бојко Борисов во Скопје им предложи да се сместат во некое летувалиште во Бугарија и секој ден да држат состаноци додека не ги решат прашањата. И неговиот рок за тоа беше октомври. Предлогот на Борисов за 24 часа беше официјализиран во покана од бугарскиот до македонскиот копретседавач со Комисијата за вонереден состанок во август.
Македонскиот дел од Комисијата го одби тоа со арумент дека дека изнаоѓање на решенија за вакви прашања треба да биде академски процес низ кој ќе се дебатира, а не свикување на ад-хок состаноци на кои мора да се постигне решение.
Тамара Грнчароска