Бугарски државјанин фатен со 20кг. марихуана на Табановце

Бугарски државјанин бил фатен со 20 килограми марихуана на граничниот премин Табановце. Царинската управа соопшти дека вчера за излез од државата се пријавил Р.Б., возач на патничко моторно возило со бугарски регистарски таблици. На прашање на царинските службеници дали има нешто да пријави за царинска контрола, осомничениот кој патувал од Косово за Бугарија, одговорил дека нема ништо за пријавување. И покрај тоа, возилото било селектирано за преглед во кој вклучено било и царинско куче кое при прегледот дало индикации за присуство на дрога во возилото.

„Меѓу предните седишта на возилото, под теписонот бил пронајден специјално направен бункер кој се простирал под патосот се до задните седишта. Во бункерот биле пронајдени вкупно 71 пакувања, наполнети со марихуана со тежина од околу 20 килограми. Марихуаната требало да  биде пренесена до  нарко-пазарите во земјите од западна Европа.  Вредноста на запленетата наркотична дрога при продажба на големо би достигнала вредност од околу 40 илјади евра“, пишува во соопштението на Царинската управа.

Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава, поради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори “.

Судијата на претходна постапка на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.

 

 

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ