Буџет 2020-та: За стоки и услуги ќе се потрошат 835 милиони евра, 180 милиони повеќе од годинава

Владата го одврза кесето за наредната година. Покрај за повисоки плати, пензии, субвенции, социјални трансфери, во 2020 година планира да потроши фантастични 835 милиони евра и тоа во изборна година за стоки и услуги. Бројките во Буџетот за 2020 покажуваат дека сумата е зголемена за неверојатни 180 милиони евра во однос на годинава.

Стоки и услуги од секогаш е најспорна ставка за експертите, но за неа секогаш се кршат копјата меѓу власта и опозицијата,  бидејќи тука влегуваат парите кои државните институции ги трошат на тендери, привремени вработувања, патни трошоци. Од оваа сума дури 608 милиони евра се планирани за договорни услуги, ставка која пораснала за 108 милиони евра во однос на годинава.

Растат и парите за  привремени вработувања, за 2 милиони евра.

За  патни и дневни расходи ќе се потрошат 15 милиони евра, или 5,3 милиони евра повеќе од сега. Сумата пак за материјали и ситен инвентар пораснала на 77,4 милиони евра, или 28 милиони евра повеќе од годинава. Државните институции планираат да купуваат и нов мебел, но и нови возила.

Од Министерството за финансии, велат расходите во ставките стоки и услуги и договорни услуги најмногу пораснале поради зглемени средства за здравствена заштита.

Од најгломазниот буџет до сега тежок 3,9 милијарди евра, дури 3,5 милијарди евра ќе завршат за тековни расходи – ќе се финансираат зголемените плати во јавниот сектор, зголемените пензии, социјалните надоместоци, субвенции за земјоделците и поддршката на бизнисот.

Платите на административците, ќе тежат за 53 милиони евра повеќе од годинава, или за нив ќе се потроши речиси половина милијарда евра.

За да ги финансира трошоците, покрај задолжување од 1 милијарда евра од кое дел е за враќање на стари долгови, владата планира од даноци и придонеси да собере 3,2 милијарди евра.

А само од даноци 123 милиони евра повеќе од годинава.

Најмногу пари има  за Министерстовот за финансии за функции на државата, дури 953 милиони евра или 486 милиони повеќе од сега. Второ „најбогато“ министерство е тоа за труд, кое до година треба да потроши речиси 800 милиони евра или за 77 милиони повеќе од сега. 

За образование се проектирани 436 милиони евра или 97 милиони повеќе од годинава. МВР ќе потроши 188, одбрана 165  а здравство 116 милиони евра. Расте и буџетот на транспорт, кој изнесува 97 милиони евра, а тој на животна средина е поголем само за 2,5 милиони евра, или вкупно тежи 14 милиони евра. Од кои  само 1,6 милиони евра се предведени за борба со аерозагадувањето.

ДИК до година ќе има на располагање 8 милиони евра, од кои 6,8 се наменети за изборите.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ