
Буџет 2019 – не е домаќинлак ако растат трошоците за стоки и услуги
Ветуваше големо штедење, но новиот буџет на Владата не е сосема во стилот на таквите најави. За идната година Владата планира за стоки и услуги да потроши 320 милиони евра, што е за 33 милиони повеќе од годинава. Најавените зголемувања на платите во јавниот сектор, пак, ќе доведат во 2019 државата за плати и надоместоци да потроши 461 милиони евра, што е раст за 5,7 отсто. Иако и ја признаваат на власта поголемата транспарентност, експертите со критики – велат, средување на јавните финансии не се постигнува само со намалување на буџетскиот минус, ако во структурата на буџетот повторно имаме неефикасни трошења.
Тоа е делот на зголемување на платите на јавната администрација, и тоа зголемување е за 25 милиони евра, и се совпаѓа со износот што ќе се собере од прогресивниот данок, и вориот дел е зголемувањето на стоките и услугите, за над 10 милиони евра, а таа ставка беше во изминатите години најспорна точка во цел буџет, бидејќи е најпропулзивна за ризикот од злоупотреба на народните пари, вели Петрески.
Вицепртемиерот за економски прашања, пак, Анѓушев, со оправдување дека најголемиот дел од овие пари ќе се трошеле за правни и консултантски услуги, за државата да се брани пред меѓународни арбитражи и судови, во тужби во кои ја вовлекле претходните власти.
Забелешки има и за капиталните инвестиции, повторно се високо планирани, на 418 милиони евра. Требаше претходно, вели Петрески, да се направи подолгорочен план кои проекти ќе ги финансира државата, колку години и колку тоа ќе чини, и да се почне прво со најбитните.
Таква дебата досега не отпочна, и капиталните инвестиции и за 2019 се повторно високо планирани, што повторно ќе доведе до потреализација, и пак тоа ќе доведе до ребаланс во втората половина на годината, вели Петрески.
Владата, пак, ветува, патишата, пругите и енергетските проекти сега се откочени и в година ќе имаат брза реализација. Дури и за гасоводот на Водно што беше спорен за екологистите, со поместувањето на трасата, тие ќе разбереле дека е стратешки проект, кој нема да уништи многу дрвја, а драстично ќе го намали аерозагадувањето. Сепак, не е убеден дека тие нема повторно да легнат пред багерите.
Јас не можам да каѓам што тие ќе прават во иднина, не се мешам во нивното работење, но мислам ќе го препознаат моментот. Јас и министрите ќе им стоиме на располагање, вели Анѓушев.
Во друштво на економските министри тој денеска ја претстави поголемата поддршка што ќе ја добијат фирмите. Парите во буџетот за Агенцијата за странски инвестиции се двојно намалени, бидејќи таа веќе нема да испраќа промотори и да организира роуд шоуа, но двојно се зголемени средствата за Дирекцијата за ТИРЗ, за зоните да бидат довршени.
Но големи средства од буџетската каса ќе се потрошат за социјални трансфери, дури 1,75 милијарди евра, или 113 милиони евра повеќе од годинава. Од буџетот повторно значајни блок дотации ќе добијат и општините, меѓу кои најмногу за најголемите должници, кои годинава со ребалансот добија 50 милиони евра.
За мебел и за возила ќе се издвојат повеќе од 7 милиони евра, за Анѓушев, тие ќе биле за инспекциските служби.
Двојно повеќе пари добива и Државниот завод за статистика, иако пописот не е планиран за идната година, од Владата велат, на барање на странците треба да се направи модерен и да дава веродостојни податоци.
Двојно се зголемуваат парите за привремени вработувања, за вицепремиерот, тоа е со цел реформа на јавната администрација, ќе има повеќе вработувања со договори на определено време, па ќе остане само тој што ќе се покаже.
Откако премиерот Заев спомена недоразбирања меѓу Анѓушев и Тевдовски, за вицепремиерот зборот кавга е тежок збор. Помина вели, едноумието кога само еден зборуваше, а другите слушаа.
Имавме одредени различни ставови, Тевдовски мисли на еден начин, јас поинаку, но на крај носиме заедничи одлуки и тие се владини одлуки. Со министерот Тевдовски имаме одлични резултати, вели Анѓушев.
Министерските искри не биле за прогресивниот данок. Буџетот за идната година е тежок 3,7 милијарди евра и е најголем досега во историјата на земјава.
Нина Нинеска-Фиданоска