
Бројот на новозаболени ќе одлучи за должината на полицискиот час
Скокот на новодијагностицирани во изминативе 24 часа ја стави во дилема Комисијата за заразни болести и кризниот штаб на кој начин да биде регулиран полицискиот час за претстојниот викенд и деновите потоа.
Денешните нови 33 случаи на заразени со Ковид 19 и утрешните резултати ќе бидат предмет на анализа, дури потоа ќе се одлучува за мерките, смета Филипче.
На утрешниот состанок ќе се дискутира за тоа како ќе биде регулиран полицискиот час за време на викендот и информацијата за денешните случаи кои ќе бидат дијагностицирани до утре. Искрено се надеваме дека ова е некаква варијација единечна и дека утре ќе продолжи оној тренд од изминатите 14 дена што е критериум да се олабават мерките и во таа насока и во сабота ќе ги анализираме случаите за да знаеме какви мерки на олабавување може да важат од следната недела, вели Филипче.
Следната недела започнува и скринингот на првата група во која се опфатени вработените во градинките, во домовите за стари лица и здравствените работници.
Во втората фаза се опфатени полицијата, возачите во ЈСП, таксистите и вработени во јавни служби.
Некаде околу 400 – 500 тестови ќе се прват согласно индикациите по критични групи на граѓани. Скринингот ќе се прави со ПЦР тестови преку матичните лекари, но по денешниот состанок на кој присуствуваше и претседателот на Стоматолошката комора преку матичните стоматолози ќе се врши зимањето на овие брисови затоа што тоа е нивна сфера на работа, тврди министерот за здравство.
Во врска со прашањето за имунолошките пасоши доколку се отворат границите за патување, дали ќе мора задолжително да се тестираме и која би била процедурата Филипче воздржан.
Кои се дилемите: кој е тој протокол кој ќе се признае за валиден, понатаму колку дена ќе се важи тестот за валиден и колку ќе се комплицира ако станува збор за краткотрајни патувања и на два дена. И на крајот каква е гаранцијата од зимањето на тестот па се до влегувањето дека некој не се заразил, подвлекува Филипче.
Веќе се подготвуваат и листи на пациенти на кои им биле откажани интервенции. Тие ќе имаат приоритет, по направениот тест за Корона вирус за воедно да се заштитат и вработените во клиниките, најави Филипче.
Нина Стефанова