Бројчаникот поставен ама без бројки, граѓаните поделени, експертите гледаат и популизам

Сега тешко се забележува и уште не е во функција, но дали бројчаникот ќе сврти големи суми на вратени народни пари. Го купи лично премиерот Заев од свои средства, го чинел 7 илјади евра.

Откако вчера беше поставен во доцните вечерни часови, на бројчаникот немаше бројки на првите украдени пари. Со оглед што сегашната власт, а тогашна опозиција, зборуваше за милионски суми украдени суми, граѓаните со право ќе очекуваат големи цифри. Само така бројчаникот ќе ја оправда својата улога.

Од Владата бараат уште малку трпение од граѓаните додека почне да работи, велат – тоа ќе се случи кога судските процеси што се во тек ќе имаат завршница и ќе бидат вратени средствата, иако дел од нив се финиширани, а одредени износи биле вратени на трезорската сметка на буџетот. За поставувањето биле испочитувани сите процедури.

„Зоран Заев како граѓанин на Република Македонија упати барање за согласност за поставување на електронскиот екран, во јавноста познат како бројчаник, и истиот е набавен лично од него. Се разбира дека имало постапка, процедура, документацијата е комплетна, од почетокот од доставување на барањето, до одобрувањето и неговото поставување“, вели Миле Бошњаковски, портпарол на Владата.

Ако навистина биле украдени милијарди од претходната, како што за време на опозиционерските денови зборуваше сегашната власт, граѓаните ќе имаат голем ќар од вратените средства, вели аналитичарот Арсовски. Но тој, препознава и популизам.

„Меѓутоа, самата акција треба да се толкува и низ призма на еден политички маркетинг, кој е сега важен, мислам дека власта сака да покаже некаква отчтност и различност од претходната власт, и во таа смисла треба да се толкува овој потег. Граѓаните ќе имаат можност да се упатат во тоа колку пари се вратени и низ судските пресуди, ова е еден начин на политичка комуникација, кој е малку попопоулистички, условно речено, и тоа е нормално во оваа фаза, во првите две години после 12 години од претходната власт. Секако има врска со референдумот, власта во овој момент ќе ги искористи сите алатки кои и стојат на располагање за да покаже дека нејзе треба да и се даде поддршката не само како власт туку и за политичките проекти, од кои секако дел е и референдумот“, вели аналитичарот Петар Арсовски.

Од Кривичниот суд велат дека досега за предмети на СЈО се изречени 4 пресуди и дека активно работат на сите предмети. Од Агенцијата за управување со одземен имот вчера не беа достапни да одговорат колкава е вредноста на досега конфискуваните предмето од кривичните дела.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ