Британскиот Дом на лордови бара прием на Македонија во НАТО и без решен спор за името

Лондон ќе се обиде да го наметне своето влијание на регионот и ќе инсистира на членство на Македонија во НАТО и без решавање на спорот за името, пишува грчкиот весник „То Вима“ и потсетува дека Велика Британија ќе биде организаторот на овогодинешниот Самит на Западен Балкан.

Според извештајот подготвен од Домот на лордови, британската влада ќе настојува за примање на Македонија во НАТО и без решавање на прашањето за името.

„Владата треба да ги поддржи мерките за да и помогне на Македонија да влезе во НАТО со или без решавање на проблемот за името. Членството во НАТО и соработката ги гарантираат мирот и стабилноста на регионот. Се согласуваме со поддршката на владата за членство во НАТО на Македонија и Босна и Херцеговина. Доколку тие ги исполнуваат основните барања за членството, нивната интеграција во НАТО ќе биде чекор кон поголема стабилност во регионот“,  се наведува во извештајот.

Овој извештај бил подготвен од страна на Комитетот за меѓународни односи, назначен од Домот на лордовите за да ги истражува британските меѓународни односи.

Во извештајот се цитира и британската премиерка Тереза Меј, која на 17 јануари изјави дека Западниот Балкан е регионот каде што британската влада играла и ќе продолжи да игра активна улога во промоција на просперитетот, стабилноста и безбедноста.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ