
Бремените жени молат за патолошка бременост за да не останат без работа, а тоа ја чини државата милиони евра
Бремените жени се на мака со газдите на работа – гласни се гинеколозите кои им ја водат бременоста. Приморани се да работат на несоодветни работни места, во смени и работни часови кои не се препорачлви за нивното здравје во месеците додека го носат плодот. Се плашат гласно да се пожалат затоа што стравуваат за својата работа.
„Не може една бремена вработена да биде распоредена на работно место ноќно време – тоа е исклучително забрането со Законот. Не може да работи на терен, не може да работи во средина каде што има лесно испарливи супстанци, а коишто можат да бидат штетни по бременоста“ кажа Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози.
Единствениот спас, идните мајки го гледаат во своите гинеколози. Доаѓаат кај нив во канцеларија или преку познаници ги молат да им напишат патолошка бременост, за да не останат без работа.
„Кај нас пациентките коишто се бремени доаѓаат со молба или барање и порака од работодавачот којашто нејзе и е кажана – или да отвори патолошка бременост и девет месеци да не биде на работа или утредента ќе ја одјави од работа. Ако не отвори патолошка бременост секако не и гине отказ, а во случај па уште и да пријави во инспекциската служба е тек тогаш двапати не и гине отказ“ кажа Душко Филиповски, претседател на Здружението на матични гинеколози.
Дали работодавците смеат тоа да го направат – одговорот се наоѓа во членот 101 од Законот за работни односи.
„Работодавачот не смее да го откаже договорот за вработување на работникот за време на бременост, раѓање и родителство. Отказот на договорот за вработување е ништовен, доколку на денот на врачувањето на отказот работодавачот бил запознаен со околностите.“ пишува во членот 101 од текстот на Законот за работни односи.
Додека државата чека бремените жени сами да пријават кога им се прекршени нивните работнички права, инаетот на работодавците секоја година се повеќе пари ја чини државата.
Според податоците на Фондот за здравство пред три години, патолошката бременост на околу четири илјади осигуренички ја испразнила касата за 870 илјади евра. Во 2017 година на повеќе од 5 илјади осигуренички се исплатени милион и сто илјади евра.
Петар Догов