
Брегзитот одложен до ноќта на вештерките
Обединетото кралство и Европската Унија постигнаа согласност за ткн флексибилно одложување на Брегзитот до 31-ви Октомври, денот кога западниот свет ја одбележува ткн Ноќ на вештерките.
По крајот на 5-часовниот вонреден самит на ЕУ во Брисел,Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск, во 2 часот и 15 минути по локално време, пред новинарските екипи ја соопшти донесената одлука и испрати апел до, како што рече, нашите британски пријатели.
Туск ги наброја и опциите кои им преостануваат на Британците, да го ратификуваат договорот за Брегзит, при што автоматски престанува да важи продолжувањето на рокот или пак да ја променат својата стратегија и да изберат да се откажат од Брегзитот целосно.
Една од работите која Велика Британија ќе мора да ја направи, доколку до 22-ри Мај не го ратификува договорот за Брегзит, е да учествува на изборите за Европскиот Парламент. Со зборовите на претседателот на Европскиот Совет, Жан Клод Јункер : Ова можеби е чудно, но правилата се правила и ние мора да ги почитуваме европските закони.
Во речиси 3 часот по полноќ на новинарите им се обрати и Британската премиерка, Тереза Меј, која од своите европски колеги побара одложување на Брегзитот до 30-ти Јуни. Вината за континуираната драма околу Брегзитот, таа повторно ја лоцираше во Долниот дом, каде досега три пати немаше мнозинска поддршка за нејзиниот договор за Брегзит.
Европската унија беше поделена околу должината на одложувањето која треба да и се понуди на Велика Британија а секоја одлука мора да биде едногласно усвоена. Иако, поголем дел од земјите членки на Унијата бараат подолго одложување, францускиот претседател, Емануел Макрон, инсистирал на покусо одложување на конечната дата за Брегзитот.
Британската премиерка, Тереза Меј, денеска во долниот дом на Британскиот парламент, пред пратениците ќе ја образложи одлуката на Самиот на ЕУ а се очекува да продолжат и разговорите меѓу нејзиниот кабинет и опозиционата Лабуристичка партија.
Никола Илиевски