
Бразилска фирма ја изгуби лиценцата за извоз на месо во Македонија
Бразилската влада и ја одземала лиценцата на компанија Сира Алиментос и ја избришала од списокот на извозници на месо.Ваквата информација во македонската агенција за храна и ветеринарство пристигнала од МНР каде било доставено известување од дипломатско конзуларното претставништво на Бразил во Софија.Надлежните не знаат зошто и е одземена лиценцата на компанијата која е најголем извозник на месо и месни производи во Бразил, но тврдат дека досега увезеното месо е безбедно.Покрај ваквиот стандарден одговор останува нејасно кога е направен последниот увоз од оваа бразилска компанија,каков тип на месо и месни производи се продаваат во македонија и каде.
„Од страна на инспекциските служби на Агенцијата засилени се контролите на граничните премини, со цел спречување на евентуален влез во земјава на пратки со месо од Бразил, кои потекнуваат од објекти кои се забранети за извоз. Увозот на месо се врши исклучиво од одобрени земји за увоз и од одобрени објекти. Секоја пратка задолжително е пропратена со ветеринарно здравствен сертификат со кој се гарантира безбедноста“.
Од Асоцијата на земјоделци и месо и месни производи велат дека по ваквата информација мора да се направат дополнителни анализи на пазарот особено затоа што Македонија од Бразил увезува замрзнато свинско и говедско месо кое се користи како суровина во преработувачката индустрија. Според Ефтим Шаклев Агенцијата за храна треба да провери дали месото од Бразил е безбедно за јадење за да не се отвораат дополнителни дилеми кај потрошувачите.
Пред 20 дена бразилската полиција спроведе акција во која беа уапсени 30-тина лица откако се појавиле докази дека две големи месни индустрии во Бразил со години подмитувале инспектори и политичари да им дозволат извоз на расипано месо но остана непознато колку од тоа месо стигнало на европскиот пазар.Во април лани на граничниот премин Ќафасан без запленети 1300 килограми небезбедно пилешко месо со потекло од Бразил кое беше уништено на депонијата во Струга.
Виолета З Стојановска