Борисов се поклони пред жртвите на Холокаустот

Македонскиот и бугарскиот премиер, Зоран Заев и Бојко Борисов заедно им оддадоа почит на жртвите од Холокаустот во Македонија. Се поклонија и положија цвеќе пред споменикот лоциран во некогашниот Монопол. Бројните делегации испратија единствена порака: Да не се заборави и да не се повтори.

„Вечна им памет! Не сме ги заборавиле, тие се во нашата меморија. Затоа дојдовме да искажеме почит и да изразиме жалење заедно со македонскиот народ, за тие кои не успеаја да се извлечат живи од нацистичката машинерија на Химлер“, кажа Бојко Борисов, Премиер на Република Бугарија

Иако на спомен плочата стои дека над 7 илјади двесте Евреи од Македонија на ова место биле затворени и мачени од страна на германските и бугарските фашистички окупатори, Борисов вели дека бугарскиот народ заслужува почит бидејќи на територијата на Бугарија успеал да спаси неколку десетици илјади Евреи.

„Јас можам само да му се поклонам на бугарскиот народ затоа што се исправил пред таа машина и спасил 48 илјади Евреи. А другата пропаганда не е тема на разговор“.

Ги повторуваме лекциите од минатото за уште посилно да го осветлиме патоказот за иднината, рече премиерот Заев, како дел од сеќавањето на депортацијата. Еврејските свештеници и еврејската заедница потсетија на трагичните случувања од 43-тата.

Денешното чествување почна со Марш на живите. Голем број граѓани, дипломатски претставници, пратеници, министри, амбасадори, роднини и претставници на еврејските заедници чекореа во спомен на 7 144 илјади Евреи од Македонија кои беа одведени во логорот Треблинка. Декларацијата испраќа голема порака дека Холокаустот или некој друг геноцид – никогаш не смее да се повтори.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ