
Светска банка и натаму ќе ни помага да дојдеме до побрз и одржлив раст
Бордот на извршни директори на Светска банка ја одобри новата четиригодишна рамка за партнерство со земјава, со која треба да се овозможи поддршка за побрз, сеопфатен и одржлив раст. Цел на стратегијата е да се создадат повеќе можности за подобрување на животниот стандард на граѓаните, и да забрза приближувањето кон приходите на Европската унија. Министерот за финансии Драган Тевдовски неодамна најави дека со ова на земјава и се ставаат на располагање 420 милиони долари.
Од Светска банка сметаат дека решавањето на спорот со името отвара нови можности за раст во Северна Македонија, и затоа банката ќе продолжи да помага земјава да изгради енергична и инклузивна економија, која е целосно поврзана со регионот и светот.
Стратегијата ќе се фокусира на три области. Првата е за подобрување на опкружувањето за конкурентен приватен сектор, преку подобра поврзаност и пристап до пазарите, помагајќи им на бизнисите да станат поиновативни, продуктивни и конкурентни, со што треба да се создадат повеќе и подобри работни места.
Втората ќе ги поддржи инвестициите во човечки капитал, со фокус на подобрување на обуката за образованието и вештини, подобар пристап до социјални услуги за најранливите граѓани и поттикнување за поинклузивно учество на пазарите на труд.
Третата ќе ја поткрепи фискалната одржливост и одржливоста на животната средина преку зајакнување на управувањето со јавни финансии, како и побрзо доаѓање до поодржлива комбинација на енергетски извори. Предизвиците од климатските промени ќе се решаваат преку инвестиции во енергетската ефикасност, обновлива енергија и транспорт и земјоделие кои се отпорни на климатски промени.
Главната цел се реформи на политиките со цел унапредување на пристапната агенда на Северна Македонија кон ЕУ, дополнувајќи ги и зајакнувајќи ги напорите на Владата и останатите развојни партнери.
ИФЦ, пак, која е членка на Светска банка, ќе бара дополнителни можности за мобилизирање на странските директни инвестиции со цел да се генерира раст и извоз, како и да се подобри учеството на малите и средни прептријатија во синџирот на снабдување.