„Бомби“ како најава за валкана кампања

Само неколку дена пред да се објават кадровските адути на партиите за претстојните избори, неформалната кампања добива интензитет и матен колорит.

Објавените разговори на Антонијо Милошоски од 2011-та со двајца врховни судии за предмет поврзан со неговиот татко, ја продолжуваат предизборната тема: кој се бори за правда.

За ВМРО ДПМНЕ, ова не е бомба туку петарда која докажува дека СДСМ не ги предал сите прислушувани материјали на СЈО.

СДСМ ги повика истражните органи да утврдат кој објавува нелегално и да преземат соодветни мерки. Премиерот Спасовски тврди дека кај нив веќе нема прислушувани разговори.

Вчера на јутјуб беа објавени пет разговори на Милошоски со тогашниот претседател на Врховниот суд Јово Вангеловски и со судијата Николчо Николовски, кој одлучувал за предмет поврзан со таткото на пратеникот.

Тој самиот на социјалните мрежи посочи дека се снимани, како што вели, во времето на Мијалков. Го посочи лицето З.З. дека поседува копии од сите снимки и дека без нив, не би можел да уценува пратеници, стопанственици и сопственици на медиуми.

Најави дека укажувачите кои нему му предадоа прислушувани материјали ќе стануваат побројни и посмели.

Неговата партија смета дека треба да се прави разлика што е црна кампања а што е вистина.

Премиерот Спасовски ги повика партиите во кампањата да се однесуваат одговорно и да говорат за своите програми и концепти.

Официјалната кампања стартува на 23-ти март, а до четврток, партиите треба да ги предадат кандидатските листи во ДИК.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ