
Боки 13 останува во притвор, лекарите не сакаат да одговараат ако почине
Додека лекарите пишуваат дека не сакаат да бидат одговорни ако Бојан Јовановски почине во затвор, судиите не попуштаат. Сметаат дека има опасност од бегство ако Боки 13 излезе од притвор. После десетина дена од јавната седница на која адвокатот на Боки ги убедуваше дека е во многу лоша здравствена состојба, апелација сепак не ја прифати жалбата.
– Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по кривичниот предмет познат во јавноста под името „Рекет“ по одржана јавна седница, донесе одлука со која жалбата на обвинетиот Б.Ј ја одби како неоснована, а првостепеното решение, со кое е продолжена мерката притвор, против обвинетиот го потврди, соопштија од Апелација.
КОД во синоѓешната емисија веќе ги објави двете писма испратени од затворскиот лекар до судиите во кривичниот суд, а истите адвокатот како докази ги приложи и во апелациониот суд. Во нив лекарот пишува дека состојбата со здравјето на Боки 13 е драматична.
- Јас ве уверувам дека ако настане тешка компликација не би можело да се интервенитра со позитивен исход. Не би можела да прифатам таква одговорност, односно неодговорност, која би го довела пациентот – притвореното лице Бојан Јовановски во сигурна смрт. Овој медицински извештај го пишувам најодговорно, онака како што ми налага медицинската етика, соопшти затворскиот лекар во КПУ затвор Скопје.
Бојан Јовановски во неколку наврати, на рочишта од судењето за Рекет истакна дека се сомнева дека се врши негова тивка ликвидација.
Инаку од тројцата обвинети во случајот само Јовановски е во затвор. И Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец се во домашен притвор, а излегоа со помош на лекарска документација. Судењето за Рекет продолжува в четврток.
Билјана Николовска