
Боки 13 и Кичеец во притвор
Триесетдневен притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски, како осомничени за изнудување пари, одземен мобилен телефон на специјалната обвинителка Катица Јанева, како и претреси во домот на родителите на Јовановски во Тафталиџе и на неговата канцеларија во 1ТВ е епилогот од вчерашниот ден, откако претходно Јавното обвинителство ги обелодени случаите за Јовановски и Милевски, а Јаневска си поднесе неотповиклива оставка.Двајцата осомничени до доцна синоќа беа на распит во Кривичниот суд, по што Судот излезе со официјално соопштение во кое ја потврди мерката притвор.
Милевски синоќа со полициска придружба прв беше однесен во затворот „Скопје“ во Шутка, потврдија за МИА од затворот, од каде ни посочија дека во секој момент го очекуваат и пристигнувањето на Јовановски.Мобилниот на Јанева и е одземен по наредба на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, потврдија за МИА од Обвинителството и тоа заради прибирање повеќе информации за истрагата против осомничените, кои во јавноста се познати како Боки 13 и Зоки Кичеец.
– Телефонот е одземен за да ја видиме комуникација на јавен обвинител и првоосомничениот. Претрес не е направен кај ниту еден јавен обвинител и сега за сега нема причина зошто да бидат изведени пред судија, изјави доцна синоќа пред судот обвинителката Вилма Рускоска.
Таа потврди дека Јовановски бил задржан на граничниот премин „Богородица“ при обид за бегство. Рускоска посочи дека обележани пари како доказ нема, но имаат обезбедено разговори и видеоснимки. По собрани вербални и материјални докази, Обвинителството вчера отвори истрага во која двајцата осомничени ги товари за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание“, а првоосомничениот Јовановски и за „перење пари и други приноси од казниво дело“. Тие во два наврата примиле вкупно 1,5 милион евра од побарани осум милиони евра од лице против кое се водело истрага. На осомничениот од кого ги изнудиле парите му ветиле дека преку обвинител со кого имаат пријателски врски т.е. влијание ќе ја запрат истражната постапка или ќе му ја олеснат положбата во постапката.