Блокирани улици и хеликоптери над Скопје за време на посетата на Ципрас

Празни булевари, сообраќајна полиција и по некој пренасочен автомобил. Полицијата денес наутро подготвено го дочека премиерот на Грција, Алексис Ципрас, кој во Владата на гости дојде нешто по десет часот. Цели редици полицајци зад заштитните огради поставени на сред улица и хеликоптери одозгора, ја гарантираа безбедноста на грчкиот премиер. На сметка на безбедноста, денес трпат скопските возачи, кои зад воланот се приморани да бараат алтернативни рути на движење.

„Кога се блокирани главните скопски булевари и на нив важи посебен сообраќаен режим, скопјани се обидуваат да стигнат онаму каде што тргнале возејќи по помалите скопски улици. Ова е улицата „Орце Николов“, а на неа до 20 часот вечерва ќе возат возачите коишто инаку се возат по булеварот „Илинденска“.“

Од МВР се ангажираа уште вчера да ги предупредат скопјани дека денес за нив важи посебен сообраќаен режим кој ретко се случува да е во важност речиси цел ден.

„Во периодот од 9:30 до 20:00 часот, Министерството за внатрешни работи презема мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на Град Скопје“ соопштија од МВР.

Без подетални информации кои крстосници се целосно блокирани и како се пренасочува сообраќајот – луѓето немаат избор освен трпеливо да чекаат на некои од редовно најфреквентните булевари, во метежот кој и онака лесно се создава – особено попладне кога луѓето се враќаат од работа.

Петар Догов

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ