
МПЦ-ОА со помош на БПЦ за првпат сама ќе го донесе Благодетниот оган од Ерусалим
За првпат МПЦ-ОА сама ќе го донесен Благодетниот оган од Ерусалим во земјава за Велигден со помош на Бугарската православна црква. Макеоднскиот епископ Јаков утре заедно со делегацијата на Бугарската православна црква со авионот на бугарската влада ќе отпатува во Ерусалим и утревечер од таму, преку Софија, во земјава за првпат ќе го донесе велигденскиот оган. Бугарските медиуми пренесуваат дека епископот Јаков во земјава ќе донесе два фенери со огнот од Ерусалим, придружуван од Емил Велинов, директор на бугарската владина Дирекција за религија.
Одлуката македонски епископ да се приклучи во делегацијата на БПЦ за Ерусалим е донесена на 3 април на состанокот на бугарскиот Митрополитот Кипријан, кој ја предводи бугарската делегација, со бугарскиот премиер Бојко Борисов. Митрополит Кипријан инаку е прв човек на Комисијата за решавање на статусот на МПЦ-ОА. Учеството во македонски епископ во делегацијата било на молба на МПЦ-ОА.
Делегацијата од софискиот аеродром ќе замине утре рано наутро, а треба да се врати во Софија во 19 часот по македонско време. Тие со себе ќе носат 5 фенери со светиот оган од Ерусалим, од кои два, повторно со авионот на бугарската влада, ќе го продолжат патувањето кон Северна Македонија.
Потврда дека епископ Јаков ќе биде првиот македонски епископ кој ќе го донесе Благодетниот оган во земјава, побаравме од МПЦ-ОА. Портпаролот, владиката Тимотеј, не знае ништо за тоа, велејќи дека такво нешто не било решавано на Синодска седница. Како, што ни изјави Тимотеј, одлуката можеби ја донел лично поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан.
Бугарската црковно-државна делегација, заедно со македонскиот епископ, ќе присуствува на богослужбите во храмот „Воскресение Христово” во Ерусалим, каде што над гробот на Исус Христос секоја година, според верувањата, од небото се спушта Благодетниот оган.
Бугарскиот патријарх Неофит денеска запрашан дали поради тоа што и помогнал на македонската црква да го добие Благодетниот оган наскоро и ќе ја посети одговори дека се уште не решено.
„Досега не сме разговарале за ова прашање. Ќе се разговара и тогаш ќе се реши и како да се организира и да се направи“, одговори Патријарх на БПЦ, Неофит.
Инаку Благодетниот оган првпат беше донесен во земјава минатата година, кој и беше предаден од Бугарија.
Тамара Грнчароска