Бизнисот во паника дели откази, принудни одмори, скратени плати

Или отказ, или  договор дека се согласни да работат и за плати пониски од минималец.  Коронавирусот трупа штети на пазарот на труд во земјава. Колективни принудни одмори, непродолжување на договорите за работа на определено време, одјави на работниците, но и нови договори со пониски плати, се  се помасовни појави по затворањето на голем дел од објектите поради вонредните мерки од Владата. Според информации од терен најголем дел од угостителските објекти веќе ги одјавиле работниците или не им ги продолжиле договорите, а дел им нудат нови договори со пониски плати. Трудовите инспектори потврдуваат дека состојбата на пазарот на труд се влошува.

„Нема до нас такви информации дека има масовни отпуштања, единствено случаите каде што се работниците на определено време и во овој период им истекле договорите на определено време и во тој случај работодавачите не ги продолжуваат договорите.Законот предвидува во случакј на деловни причини работодавачот може работниците да ги пушти на принуден одмор. Има такви јавувања од работодавачите дали можат тоа да го направат,меѓутоа платата на работникот се определува во договорот за вработување. Ако работникот се согласи со ваква состојба можат да го направат тоа. Не го кршат законот зошто платата е договорна категорија во договорот за вработување. – вели Златко Стојановски, Државен инспекторат за труд.

Се помасовни се и колективните принудни одмори.

„Законот предвидува во случај на деловни причини работодавачот може работниците да ги пушти на принуден одмор.Во тој случај работниците треба да примаат надомест на плата од 70 % и оваа состојба може да трае до три месеци. Вакви случаи има тоа се посебно угостителство туризмот каде според заклучоците прекинати се со работа има случаи каде што вработените се пуштени на принуден одмор. Нередните денови се повеќе одат на тоа работодавачите на работниците да го искористат ланскиот годишен одмор, а ако ова потрае ги пуштаат работниците и на принуден одмор“- вели Стојановски.

Бизнисмените за „Телма“ велат дека мора да применат ригорозни мерки за да не банкротираат. Немаат промет, а мора да исплатат плати и давачки кон државата. Бараат итни мерки од Владата.

Синдикатот пак најавува тужби за сите работодавачи ако незаконски намалат плати.

ССМ укажува дека согласно  член 115 од Законот за работните односи, паричните побарувања од работен однос застаруваат во рок од три години од денот на настанувањето на обврската. Ваквата состојба ќе помине, но укажуваме дека во името на  работниците во наредниот период ќе поднесуваме тужби за сите незаконски и спротивно на Колективен договор намалувања на платите со злоупотребување на ситуацијата – вели Дарко Димовски, претседател на ССМ.

И додека бизнисот е пред ставање клуч на фирмите за да не трупа загуби, а работниците во неизвесност дали ќе ги задржат работните места и платите, се чека финансиска инекција од Владата за да се намалат штетите од Ковид 19.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ