
Бизнисот против предвремени избори
Стопанствениците се против предвремени парламентарни избори, велат сите изборни процеси ги намалуваат резултатите од нивното работење, затоа велат дека властите треба да ги имаат предвид овие нивни аргументи. Ова следува откако во јавноста се погласни се очекувањата дека заедно со претседателските, напролет би можеле да се одржат и вонредни парламентарни избори.
Бизнисот сепак е свесен дека одлуката за тоа дали ќе има избори ја носат политичките партии, велат, тие веќе се навикнале да функционираат и за време на изборни периоди. Сепак, апелираат до политичарите, доколку веќе се одржат предвремени избори, политичките кампањи барем да бидат скратени, со цел да не му пречат на функционирањето на бизнисот.
Една од политичките кочници за нормално функционирање на бизнисот, а тоа е изгласувањето на уставните измени, веќе е надмината, сега се очекуваат фондови од Европската унија но и од пријателски земји кои треба да им помогнат на домашните компании, пред се во делот на дуалното образование и обезбедување на потребниот кадар за работа, како и меѓуграничката соработка. За поддршка на извозот и индустријализацијата во следните три години се очекуваат околу 100 милиони евра. Со Грција и досега бизнисот имал добра соработка, а со договорот од Преспа ќе се потпише и договорот за избегнување на двојното оданочување, што ќе ја зголеми размената.
Но, проблем за стопанството може да биде фактот што се очекува ЕУ денеска да онесе одлука за воведување „конечни заштитни квоти“ за увоз на челик во земјите членки. Претставник на Европската комисија соопштил дека доколку денеска биде прифатен предлогот за воведување на квотите за увоз на челик, нивната примена ќе започне од следниот месец. Се предвидува квотите да важат за период од три години и ќе се однесуваат на 26 категории на челични производи.
СКМ преку Европската комора ќе бара сите обврски за нашиот бизнис да се одложат за периодот кога земјава би станала членка на Европската унија.
Нина Нинеска Фиданоска