
Бизнисот побара владеење на правото и крај на политичките превирања, Пендаровски даде ветување
Во земјата да се обезбеди владеење на правото и посилна борба против корупцијата, но ако сакаме добри услови за работа, економската дипломатија мора да зајакне, но и стабилност и мир – да се намалат големите поделби во општеството создадени од постојаните политички превирања. Бизнисмените од ССК, на претседателот Пендаровски кој прв пат им дојде на гости, јасно му ги кажаа проблемите што им го отежнуваат делувањето. Вработените во дипломатските претставништва да имаат интегритет и авторитет, побараа, но и познавање од економијата и што им треба на фирмите што работат со странство.
„Важно е и тоа што се случува дома, но ако сакаме зголемување на извозот, бидејќи сега само 5 отсто од фирмите во земјава извезуваат, сметаме дека е од особена важност со заеднички начин како оние лица што не претставуваат надвор од Македонија, да бидат адекватно избрани“, вели Данела Арсовска, претседателка на Сојуз на стопански комори.
Цели 30 години бизнисот беше жртва на политичките стеги, таа сакаше да го стави под своја капа, но во претходните десет тој беше целосно потчинет на тогашната власт, се согласи претседателот. Сега има подобрувања, рече, и вети дека за него, сите фирми ќе бидат еднакви, а приватниот сектор треба да биде носител на развојот. Нема да се откаже од битката да се намали поларизацијата, независно каков политички концепт тој застапува.
„Тоа не смее да ме спречи да разговарам со луѓе кои имаат целосно различен концепт од мојот. Досега со некого не сум успеал да направам контакт, но бидејќи вие ме плаќате со ваши пари, тука нема суети, его, јас морам да се обидувам да го правам тоа до крајот на мандатот“, вели Стево Пендаровски, претседател на Република Северна Македонија.
Ниту еден указ за закон за кој вие сметате дека е штетен за граѓаните и бизнисот нема да го потпишам, вети Пендаровски. За НАТО уверува дека ќе добиеме членство до почетокот на декември, а за ЕУ останува очекувањето да се добие датум за преговори до крајот на годината. Амбасадите ќе се екипираат и со економски познавачи.
„Меѓуетничките односи мора да се релаксираат, без тоа ништо од бизнисот, иако ги забораваме, тоа мора да биде аксиома во земјава“, рече Пендаровски.
Ги извести бизнисмените дека неговиот Кабинет веќе се екипирал со тројца специјални советници за економија, на кои тие на дневна основа ќе можат да им ги кажуваат тешкотиите во работата.
Нина Нинеска-Фиданоска