
Бизнисот побара од опозицијата поддршка на економските закони во Собранието
Срдечни изјави, честитки за изборот и голема желба за натамошна соработка, но и едно прецизно барање испорача денес бизнис заедницата до опозиоциската ВМРО-ДПМНЕ по првата средба – да не го кочи носењето на економските закони во парламентот. Обично ние одиме таму да им честитаме, рече Азески, но не е проблем што Мицкоски дојде тука, бидејќи голем дел од раководството на партијата има поминато низ структурите на Стопанската комора. Нормално е да им посакаме враќање на власт, така е ред во политиката. Нашите предлози за економијата што ги испраќаме до Владата, ќе одат и кај ВМРО-ДПМНЕ, за и тие да дадат свое мислење, вети првиот човек на комората.
„Ги замоливме, во името на најголемата и најзначајната бизнис заедница во Македонија, СКМ, економските закони и законите што влијаат на создавање на економскиот амбиент, да покрај политичките превирања кои постојат и различните погледи во државата, да добијат нивна поддршка и нивни приоритет, затоа што мислиме дека е добро за сите да не го кочиме тој процес на развој на економијата, и покрај политичките разлики“, рече Азески.
Добиле уверување дека ова раководство на партијата ќе биде бизнис определено и ќе го поддржува стопанството.
Мицковски од позиција на гостин не пропушти приликата да ги искритикува владините економски достигнувања, рече дека паѓаат сите економски параметри, БДП за лани наместо со раст од 2,6 отсто ќе заврши со едвај 0,5 проценти, има минус од 100 милиони евра дури и во однос на ребалансот, паѓаат и инвестициите и индистријата. Иако не го прочитал во детали, тој не верува дека владиниот План за економски раст и законот за поддршка на инвестициите ќе бидат соодветен одговор на потребите и проблемите со кои се соочува стопанството, но не кажа конкретно дали ќе го гласаат во Собранието. Опозицијата уште отсега активно работела на добра понуда на економски политики, а за тоа ќе бара совети од бизнисот.
„За нас како ВМРО-ДПМНЕ и како политичари е да добиеме правилна навигација какви се нивните потреби, а наша задача понатаму ќе биде сето тоа да го моделираме и да најдеме соодветни решенија, а понатасму, кога ќе ја формираме следната македонска Влада, тоа и да го примениме на дело, бидејќи празно слово на хартија не значи ништо, ни за нас како политиочари, ни за бизнис заедницата“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.
Всушност, вели Мицковски, ќе преминеме на една нова пракса – опозицијата да нуди политики, па да видиме како на тоа ќе реагира Владата.
Гостинот и домаќинот ветија дека и во иднина ќе го продолжат дијалогот.
Нина Нинеска-Фиданоска