
Бизнисот ги испорача првите забелешки за новиот закон за јавни набавки
Стигнаа и првите забелешки од бизнисот за новиот закон за јавни набавки што го предлага Владата. Како ќе се утврдува која е економски најисплатлива понуда, кој критериум да доминира, кога да не се оди на електронска аукција која сега не е задолжителна, како во законот да се вклучат стимулативни мерки за малите фирми, но и како ќе функционира електронскиот регистар.
„На пример, има проблеми во случаите како договорните органи ќе ги утврдуваат економски најисплатливите понуди, бидејќи тоа некој ќе треба да го спроведе во пракса. Фирмите споменуваат за различни проблеми во различни сектори, градеѓниптвото има едни проблеми, други фирми други проблеми. Затоа фирмите сметаат и дека ќе треба да се донесат подзаконски акти“, вели Љубомир Димовски од ЕПИ центарот.
„Првичната оценка е дека овој закон е многу подобар од претходниот, бидејќи покрај цената, како критериум е и квалитетот“, вели Миљаим Амети од СКСЗМ.
На втората дебата денеска од Струга министерот Тевдовски разјасни некои од дилемите. Државниот орган зависно од тоа што набавува самиот ќе одреди дали пресудна за набавка ќе му биде најниската цена или квалитетот.
„На пример, кога набавувате хартија може како критериум да ја користите најниската цена, но во здравството, при набавка на опрема, лекови, секако дека важен е квалитетот“, објасни министерот Тевдовски.
Си изјасни и Стопанската комора на Македонија, велат, за да се спречи можностите да се фаворизираат некои фирми, треба со подзаконски акти да се воведе стандардна тендерска документација по одделни стопански сектори и дејности.
„Но, она што останува како отворено прашање е следењето на реализацијата на склучените договори, со оглед дека како важечкиот така и нацрт-законот не предвидува механизми или методи за контрола на реализацијата на обврските утврдени во склучените договори за јавни набавки“, велат од Стопанската комора на Македонија.
Главна цел на законот е да ја подобри транспарентноста и контролата, веќе да нема малверзации кога големи државни тендери се доделуваа на фирми блиски до власта. Тоа ќе се постигне така што договорите и целата документација за секоја јавна набавка ќе се објавуваат јавно на електронскиот систем. Директорот на Бирото, Георгиевски, бара и новинарите и фирмите постојано да бидат будни.
„Во синџирот на јавни набавки не е само законот, вклучени се и други институции, Државна комисија за жалби по јавни набавки, антикорупциска комисија, Државен Завод за ревизија, овде сите мора да ја одиграме својата улога за да биде законот функционален“, вели Ѓеоргиевски, директор на Бирото за јавни набавки.
Смета дека новиот закон може на нашите фирми многу да им го олесни и учеството на странски тендери. Законот треба да биде усвоен во октомври, но ќе се применува од стартот на идната година.
Нина Нинеска-Фиданоска