Бизнисот бара помош, владата попладнево излезе со конкретни мерки

Ослободување од плаќање даноци и придонеси, финансиска помош од Буџетот за компаниите од најзагрозените сектори од коронавирусот, стопирање на плаќањата на кредитите во банките. Бизнисот бара помош од државата, велат штетите се големи – може да стават клуч на многу компании, а има и закана за отпуштање на работниците. Економскиот тим во Владата попладнево ќе се координира за следните чекори. Од Антикорупциска велат дека иако сме во изборен процес сепак во ваква ситуација кои било мерки нема да се незаконски.

Мерките кои Владата ги донесе поради состојбата предизвикана од Корона вирусот не треба да се поврзуваат со изборниот процес. Сите мерки кои Владата ќе ги преземе понатаму, за надминување  на настанатата штета не се во спротивност со Изборниот законик – изјави за Телма претседателката на ДКСК Билјана Ивановска.

Србија затвори 44 гранични премини меѓу кои и кон Македонија,  а се затвораат граници и во други земји. Транспортерите бројат загубите кои може да изнесуваат од 30 до 50 проценти. Сетоа тоа пак ќе се одрази на целата економија, бидејќи ќе нема дотур на суровини и производи за компаниите. Испратиле и допис со барања до Владата.

Да се ослободат месец два од плаќање на придонеси и на персонален данок или да им се опростат за два месеца за да можат да плаќаат нето плати на возачите. Банките да се побара да ги репрограмираат кредитите да ги одложат за извесен период како би можеле стопанствениците, зошто оваа мерка која ние ја бараме не е само за превозниците туку за целото стопанство, вели Муратовска.

Организацијата на работодавачи вчера излезе со став дека не може да ги пушти на платен одмор сите родители на деца до 10 години, бидејќи тоа ќе значи клуч за текстилните компании. А Германската стопанска комора побара појаснување на владините мерки.

Не е јасно дали државата или компанијата ќе продолжи да ги исплаќа платите доколку вработениот отсуствува од работното место, доколку компанијата му понуди на членот на семејството флексибилно и поволно за семејството работно време или работа во смени. Отворено е и прашањето во врска со заканата за преземање казнени мерки поради непочитување на мерките кое треба да се разгледа и од аспект на егзистенција на компаниите, вели Патрик Мартенс директор на Делегацијата на германското стопанство.

Алармираа и дека се потребни конкретни економски мерки за задржување на персоналот како и ликвидноста на компаниите.

Aлександра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ