
Бизнисмените се загрижени – велат економијата е повторно на маргините
Влегуваме во деветиот месец од Планот 3 -6 -9, но економијата е повторно на маргините, реагираат бизнисмените. Таа мора да се врати на дневен ред и да стане приоритет кај политичарите. Компаниите се сериозно загрижени, велат – имавме трпение, но некако многу долго трае политичката криза. Без визија и стратегија за клучните сектори стопанството само ќе преживува. Антони Пешев вели дека бил фрапиран кога видел дека годинава Македонија ја нема во Индексот на конкурентност на Светскиот економски форум.
„Во серијата на работи кои ме изненадија, е дека нас и Косово не нема во индексот, дали е поради недостигот на информации или е поради недостигот на стратегија. Но, ова е голема грешка, и кога сте лоши или добри, треба да знаете кои се проблемите“, вели Пешев.
Домашните фирми кои соработуваат со странските се уште се во мал број. Бизнисот очекува да види какви ќе бидат ефектите од новите мерки за поддршка.
„Резултатите се очелкуваат во наредниот период, да видиме кои ќе бидат ефектите од се ова што Владата го промовира во својата програма. Не сакаме да биде бизнисот логистика, туку да бидеме партнери на Владата“, вели Темелковски.
Странските инвестиции засега се слаби, во првите девет месеци лани се на ниво од околу 46 милиони евра, говорат податоците на Народна банка. Во третиот квартал дури бил регистриран и одлив од околу 50 милиони евра. Од Владата велат, политичката криза е надмината, но последиците се уште се чувствуваат. Оптимисти се дека годинава ќе се зголемува бројот на странските инвеститори.
„Последните месеци има интензивен интерес за инвестирање и од домашни и од странски компании, и во следниот период ќе се етаблираат со потпишување договори“, вели Апостолска.
Од Владата велат дека преговараат со четири до пет компании од автомобилската, медицинската и прехранбената индустрија. Уверуваат дека преговорите се водат транспарентно, а секој инвеститор, домашен и странски, однапред знае под кои услови може да добие поддршка од владината програма.
Нина Нинеска-Фиданоска