
Бизнисмените ја потсетија Владата побрзо да реагира на нивните барања
Во јуни лани им вети дека брзо ќе ги исполни сите нивни барања за промени во законите со кои ќе им го олесни работењето, шест месеци подоцна бизнмисмените решија да ја потсетат Владата дека дел од институциите постапуваат бавно и неефикасно. Со премиерот и вицепремиерот за економски прашања имаме одлична комуникација и силна воља за соработка, велат од Стопанската комора на Македонија, но затајува реализацијата на опративно ниво – министерствата и другите органи на управата треба побрзо да реагираат. Бизнисот побарал 19 клучни законски измени и за сите нив реализацијата е во тек, но досега целосно е исполнета само една.
„Без брзи и ефикасни административни постапки, без намалување на бирократизацијата и без професионална администрација, не може да одиме напред и да очекуваме брза реализација на нашите иницијативи, кои се во интерес на унапредување на деловната клима во државата“, вели Штрбевска.
Стопанството бара од Законот за данок на добивка да се избришат одредбите со кои заемите не можат да се третираат како непризнаени расходи за даночни цели, за што различни толкувања имале Финансии и Економија. Се бара и кусоците во малопродажбата настанати поради кражба да не се сметаат како скриена добивка и да не се даночат, но Управата за јавни приходи не сакала да ги запре почнатите постапки за наплата. Фирмите пред нотари и извршители да можат да ги застапуваат нивните правници, а не за тоа да плаќаат адвокати. Иако уште во јули бараа алкохол да може да се продава по 19 часот, а фирмите да не мора постојано да обезбедуваат лиценци, ветувања има, но такви измени во Законот за трговија уште не се предложени.
Комората бара во новиот закон за индустриски емисии да не се одредат престроги мерки и европски стандарди за компаниите од металургијата, за тие да не биле оптоварени со превисоки трошоци.
Како што на 6 месеци ќе кажува дали е добра соработката, бизнисот не попушта ни за капиталните инвестиции – на секои три за нив ќе и бара отчетност на Владата.
„На средбата со министерот за финансии кажавме дека на секои три месеци ќе бараме јавно и транспарентно да се направи пресек на проектираните, наспроти реализираните капитални инвестиции и да се понесе одговорност доколку не се реализирани, сакаме само да потсетиме дека ја следиме состојбата и очекуваме реализација“, рече Штрбевска.
Комората уште го анализира најновото владино задолжување од 500 милиони евра, а за мерките за економски раст сметаат дека се позитивни и бараат што побргу да почне паричната поддршка на фирмите, па потоа ќе се каже дали завршиле во вистински раце.
Нина Нинеска-Фиданоска