
Бизнис секторот и синдикатите со долга листа забелешки за Законот за инспекциски надзор
Наместо да ја ослободи заробената држава, членови од нацрт измените на Законот за инспекциски надзор, непотребно ќе ја претворат државата од полициска во инспекциска, реагира универзитетскиот професор Ана Павловска Данева. Делови од предложеното решение вели таа даваат можност за политички реваншизам и тргање на неподобните инспектори.
Потребно е опомената како инспекциска мерка да биде изрично предвидена во законот како што е предвидена во законот за прекршоци.Нацрт законот содржи основ за разрешување на директори и инспектори за нестручно и несовесно работење што овозможува широко дискреционо овластување и политички реваншизам.Оваа флоскула треба да се прецизира и конкретизира за да се спречат можни злоупотреби, вели професорката Павловска Данева.
Од предложените измени на законот незадоволни се и четирите стопански комори, синдикатот на УПОЗ, Државниот инспекторат за животна средина, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, Државниот здравствен инспекторат и др. Тие доставиле повеќе од 40 предлози за дополнување на законот за да се намали просторот за злоупотреби, за да се создаде подобра бизнис клима , поголема правна сигурност и градење доверба во институциите од страна на приватниот сектор.
Да се прецизира дека опомената претставува задолжителна и примарна инспекциска мерка. Со тоа вистински ќе се постигне едукативната улога во спроведувањето на надзорот, а утврдувањето на нерегуларностите да биде спроведено врз основа на знаење, стручност и објективност од страна на инспекторите. Овој принцип ќе се засили и со јасно дефинирање на терминот „контролен“ надзор за ризикот од злоупотреба да се сведе на минимум, посочуваат од МАСИТ, ССК, СКМ,Стопанска комора на северозападна Македонија.
Измените предвидуваат законска можност за зголемување на платите на инспекторите но ако за тоа има пари во буџетот, и нема обврзувачки норми за нивна постојана обука , надградување на знаењето и релиценцирање. Измените на законот требаше да бидат донесни до крајот на годинава, но поради бројните забелешки, се очекува владината процедура да ја поминат во јануари
Виолета З. Стојановска