Бивот ја предводеше кениската доминација на „Виз ер Скопски маратон 2018“, Кираџиев најдобар Македонец
Тројна победа за кениските натпреварувачи на 14 то издание од Виз ер скопскиот маратон. Еванс Кипкемои Бивот од Кенија е победник на годинашниов Виз Ер Скопски маратон со време од 2:14:08 часа. Второпласиран беше неговиот сонародник Џон Лангат, со време од 2.14.57. Трет беше Руто Кипротич од Кенија со 2.28.58.
Александар Кираџиев кој заврши на петото место е најдобар Македонец и воедно победи на државниот шампионат четвртта година по ред.
Једидах Ванџиру Карунгу беше најбрза во женска конкруенција со време од два часа, 51 минута и 24 секунди, пред Хрватката Марија Варајиќ. На третото место од победничкиот подиум се искачи македонската маратонка Адријана Попарсова, која го урна државниот рекорд истрчувајќи три часа, пет минути и четири секунди. По неа низ целта минаа уште две нашите атлетичарки, Билјана Кираџиева и Весна Кираџиева на четврото односно петото место.
Марио Ивановски го повтори успехот од лани и триумфираше на полумаратонот со резултат од еден час, девет минути и 10 секунди. Веднаш по него низ целта минаа Атанас Анчевски и Милош Ранчич.
Во женска конкуренција Милјана Ристиќ српската атлетичарка победи на женскиот полумаратон. Амелија Трожиќ од Босна и Херцеговина беше втора додека Силвија Шимуновиќ од Хрватска заврши на третата позиција.
Во најмасовната трка, на пет километри најбрз беше повторно како и лани Македонецот Богдан Цветковски во машка а во женска конкуренција победи Греса Бакрачи од Косово.
Рекордни 10.000 маратонци од 58 земји од светот учествуваа на трката низ скопските улици годинава во организација на Атлетската федерација на Македонија и Сојузот на спортови на град Скопје, а под покровителство на градот Скопје, Агенцијата за млади и спорт и Делегацијата на европската унија.
Промотор на маратонот беше атлетската ѕвезда Британката Пола Ретклиф.