
Битолските ентузијасти, на раце го носат градежниот материјал за да го обноват домот Копанки
Рано наутро секој викенд група планинари и вљубеници во Пелистер се упатуваат кон Националниот парк, решени да го обноват планинарскиот дом Копанки, кој до темел изгоре пред 5 години.
Од Битола со возила до хотелот Молика, а потоа пешки до Копанки на надморска височина од 1.600 метри. Доколку жичарницата не работи, битолските ентузијасти, на раце го носат градежниот материјал.
Помага секој колку што може и знае, а во санацијата се приклучија и повозрасните планинари.
„Желбата е голема ова повторно да се изгради за сите граѓни и планинари, да има едно врталиште, да можат да доаѓаат луѓето да уживаат во планината, да има еден планинарски дух“, рече планинарот Пеце Илиевски.
„Јас ја водам работата заедно со другарите планинари. Ова е реткост, убавина е да се работи на оваа надоморск височина со вакви луѓе“, рече Христо Гаков, мајстор.
По пет години ветувања и чекање државата и општината да помогнат во обновата, ова лето работните акции под мотото „Копанки за сите, сите за Копанки“ ги иницираше Планинарскиот спорстки клуб „Пелистер“ кој стопанисува со домот. Градежните работи се изведуваат по изработен проект, а она што е досега направено е од доброволни прилози на поединци и фирми. Пари за целосна обнова нема, но планинарите очекуваат подршка и во иднина.
„Ние сакаме да го направиме со цврста градба, да не биде со греди и штици. Така е и по проектот. Се надеваме дека оваа градежна сезона ќа поставиме една плоча до првиот кат. До тука имаме финансиски средства, ќе одрганизираме работни акции, а за понатаму ќе видиме“, изјави Димче Попов, претседател на ПСК „Пелистер“.
Советот на општина Битола донесе заклучок и се обврза од општинскиот буџет да се обезбедат 100.000 евра за обнова на Копанки. Но, локалната самоуправа бара ПСК Пелистер да им ја отстапи сопственоста, затоа што, велат, општината нема законски основ да инвестира во приватен имот, за што и во разговори и со допис ги известиле планинарите.
„Со цел конечно да го возобновиме функционирањето на објектот, ве покануваме да и го отстапите домот на општината под услови прифатливи за вас, за да можеме целосно финансиски да го реализираме проектот “, пишува во дописот од градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска до ПСК Пелистер.
Планинарите пак инсистираат тие да останат сопственици и велат дека општината може да помогне.
„Општина Битола може да финансира, нема никакви законски пречки да помогне“, вели Попов
Во меѓувреме се огласи и Ски клубот „Пелистер“ од каде побараа ревизија на приватизацијата на домот и да се отворат сите постапки како Планинарскиот клуб стекна право на сопственост. Се пожалија дека се неправедно изоставени од процесите на трансформација.
Од ПСК Пелистер возвраќаат дека домот на Копанки е нивни имот, за што поседуваат и документација, но велат тие се само чувари, а сопственици се планинарите и граѓаните на Битола.
Додека траат надмудрувањата и преписките за Копанки, неизвесно е дали и како општинарите и планинарите ќе се договорат за обнова на ова култното место за многу генерации битолчани.
Елена Мисирлиевска