
Битолчани не паметат вакво масовно иселување како во последните десетина години
Битола со векови е познат печалбарски град, но битолчани велат дека не паметат вакво масовно иселување како во последните десетина години. Во потрага по подобар живот заминуваат млади луѓе кои неоформиле семејство, но и млади брачни парови со деца. Иселениците кои со децении живеат во европските држави, велат дека секојдневно се сведоци на печалбарскиот бран од Македонија.
„Јас живеам во Гетеборг, таму има многу млади кои се дојдени, таму се снаоѓаат, се вработуваат, добиваат работна дозвола и остануваат таму да живеат, со семејства, со деца. Јас познавам 30-40 семејства што жиеват таму“, вели Тоде Трајчевски, иселеник од Шведска
Оние што заминале, веќе не помислуваат да се вратат назад.
„Да се вратам да живеам тука, не, а да се вратам на одмор, да, ќе дојдам до година пак. Ама да живеам тука не можам“, вели Мајкл Трајчевски, иселеник од Австралија.
Туристичките работници потврдуваат дека трендот на иселување не запира, а ако некогаш битолчани најмногу заминуваа на печалба во прекуокеанските земји, сега најчесто работа бараат во Словенија, Германија, Скандинавија и Велика Британија.
„Тоа се луѓе кои имаат бугарски пасоши, тој тренд се уште трае, а јавна тајна е дека огромен дел од битолчани веќе зедоа или се во фаза на чекање на таа патна исправа која им отвора врати со легални документи да престојуваат и работат во тие земји. Скоро не постои некој кој размислува да се врати назад, вели Горан Пинза, туроператор.
Иако нема официјални статистички податоци колку жители заминале, сепак впечатокот е дека на Битола и се случува егзодус.
„Речиси и да нема семејство во Битола од кое блиски роднини или пријатели не се иселиле од градот. Прашањето кое во последите години ги мачи битолчани, колку жители има градот и дали бројот е прполовен“.
Како последица на иселувањето, се празнат и битолските училишта, каде секоја година е се помал бројот на запишани првачиња. Годинава во прво одделение тргна родените во 2012 година кога имало 881 новороденче, но во училишните клупи седнаа стотина деца помалку, а најверојатно тие веќе не живеат во Битола. И паралеките во повисоките одделенија имаат ученици под законскиот минимум, а се помал е бројот на запишани средношколци во битолките средни училишта.
Емилија Мисирлиевска