
Битола се гуши во сообраќајниот хаос
Со над 23 илјади возила, тесни улички во старото градско јадро, недостиг на тротоари, велососпедски патеки и паркинг простор, Битола е град кој се гуши во сообраќаен хаос. Иако во изминатиот период се правеле обиди за решавање на овој проблем, метежот на сообраќајниците останува сериозен проблем, а исто така и недостигот на сообраќајна култура.
-Сепак нашата урбана средина е малку специфична за однесувањето на сите учесници во сообраќајот. Знаеме дека инфраструктурата во Битола е стара многу години и треба да се прилагоди на новите возила и новите улсови, вели Сашо Гилевски, отсек за превенција СВР-Битола.
Со проектот финасисран од германската влада и со поддршка на експертски тим, локалната самоуправа треба да развие планови за одржилва урбана мобилност за соочување со проблемите во градскиот сообраќај
-Мобилноста треба да претставува оптимизација на сообраќајот, односно од оној традиционален пристап кој што го имаме и каде во фокусот се автомобилите треба да преминеме на еден паметен пристап кој ќе ја испланира мобилноста на сите граѓани, не само на возилата, туку и на пешаците и на велосипедистите, како правилно користење на квалитетен јавен градски превоз, вели проф. д-р Јасмина Буневска Талевска, национален консултант за планирање на одржлива урбана мобилност.
Со овој процес ќе се редизајнираат уличните простори. Некои активности ќе започнат веднаш, додека други ќе е потребно повеќе време, велат од локалната самоуправа
-Некои активности на терен можат да почнат од утре, односно онаму каде можеме веднаш ќе интевенираме. Но за останатите кои подразбираат, на пример, промена на категоризција на улици, нешто што му е потребно на градот, ќе зависат од овој процес. Но, тогаш кога ќе го имаме како готов производ овој проект, дефинитивно ќе имаме системско решение кое што ќе ги реши проблемите, а меѓудругото ќе го отвори просторот и за велосипедските патеки, вели градоначалничката Наташа Петровска.
Во овој процес можат да се вклучат и граѓаните, кои преку анкетни листови имаат можност да кажат што им пречи во сообраќајот, што недостига во Битола и кои се нивните идеи. Првите мерки од овој проект ќе бидат тестирани во рамките на европската недела на мобилност следниот месец.
Емилија Мисирлиевска