Битола нема квалификуван кадар за борба со загадувањето

Општините во Пелагонискиот Регион немаат капацитет да се справат со аерозагадувањето затоа што имаат недостиг од  квалификуван кадар. Некои од помалите локални самоупрaви немаат ниту одделение за заштита на жиотната средина. И покрај тоа што Битола е еден од најзагадените градови, во 2016 и 2017, општинските инспектори не изрекле ниту една казна за загадувачи, една казна има во 2018 година и пет глоби се изречени лани. Ова го покажа истражувањето на невладината „Глобал“ од Битола, во рамките на проектот „Граѓаните следат, креираат и одлучуваат за своите пари“.

Битола има само двајца вработени во одделението за заштита на животната средина и тоа е најголемата слабост. За другите општини немаме такви податоци, вели Томе Крстевски, од НВО „Глобал“-Битола.

Покрај недостигот на соодветен кадар, утврдено е дека општините не издвојуваат доволно средства за екологија, а недостига и интерсекторска соработка при решавање на овој проблем.

Потребен е отворен пристап кон проблемот, ставање на приоритети, да се вложат поголеми финансиски средства, да се вложи во човечки квалификуван кадар, градење на доверба со граѓаните. За успешно решавање на проблемот потребно е заедничко вклучување на Владата, институциите, европската заедница, бизнис секторот и вклучување на граѓаните во креирање на политики, вели Крстевски.

Од „Глобал“ велат дека се соочиле со потешкотии во текот на истражувањето затоа што не сите општини целосно до нив ги доставиле  бараните податоци.

Емилија Мисирлиевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ