
Битката со аерозагадувањето ќе се одвива и наредната деценија
Битката со аерозагадувањето ќе се одвива и наредната деценија, бидејќи користењето на еколошките енергенси, како што се пелети или брикети се недостежни за граѓаните. Плиткиот македонски џеб и понатаму диктира дрвото да е лидер во загревањето на домовите.Дрвосечачите и сопствениците на приватни шуми во малешевско-пијанечкиот регион ја стартуваат сезоната за сеча на дрва. Засега неможе да се предвиди дали ќе има криза со огревното дрво, но според претседателот на здружението на сопственици на приватни шуми, Војо Соколовски се ќе зависи од временските услови, а и од фирмите кои ќе ги добијат тендерите за сеча.
Голем предизвик за сопствениците на шуми и за Македонски шуми е како да се справат со пироманите. Во февруари и март во малешевско пијанечкиот регион опожарени беа стотици хектари шума, меѓу кои и столетни дрвја. Освен казните, на терен треба да се работи и на искоренување на лошите навики на населението кое живее во руралните средини
Соколовски смета дека е време да се инвестира во заштита на шумите од пожари и да се стопира нелегалната сеча. Засега нема најави за зголемување на цената на огревното дрво. Но, доколку од наредната година има нови мерки за субвенционирање на шумарството, во тој случај за неколку години може да се случи и да падне цената на огревното дрво.
Викторија Јованова