
Бежоска – нов гувернер на НБРМ
Заврши трката за избор на гувернер на Централната Банка. Со 81 гласа за и ниту еден против или воздржан, парламентот го прифати предлогот на претседателот Иванов, Анита Ангеловска – Бежоска да биде петтиот по ред гувернер на Македонија.
За нејзиниот избор гласаше и опозициската ВМРО – ДПМНЕ, чиј фаворит беше Димитар Богов, и владеачката ДУИ која го предлагаше Фатмир Бесими. Според СДСМ изборот на Бежоска покажува дека власта и опозицијата можат да постигнат согласност за одредени одлуки се дури трезвено и логично се бираат луѓе кои се професионални, стручни и посветени.
„Добро е кога ќе преовладаат аргументи и сите се убедени дека НБРМ ќе го добие вистинскиот човек, кој ќе работи во интересите на граѓаните и надлежностите на Централната банка“, кажа Томислав Тунтев СДСМ
„Таа е докажан експерт, ќе се снајде одлично на функцијата, честитки што е прва жена гувернер“, кажа Даниела Рангелова ВМРО – ДПМНЕ
Анита Ангеловска – Бежоска на функцијата гувернер на НБРМ доаѓа од позицијата вицегувернер и ќе ја води Народната Банка во следните 7 години.
Нејзиниот избор доаѓа на последниот ден од мандатот на Димитар Богов кој кандидатурата за втор мандат ја врати минатата недела откако не ја доби поддршката на парламентарното мнозинство.
Одлуката на парламентот влегува на сила на денот на донесувањето а ќе биде објавена во Службен весник. Примопредавањето на гувернерското место помеѓу Богов и Бежоска според првичните најави ќе се случи утре.
Виолета З Стојановска