
Бездомните животни слободно се шетаат низ Тетово
Пред повеќе од еден месец градоначалничката на Тетово Теута Арифи од оваа локација во центарот на градот, се пофали дека е избрана фирма за заловување на кучињата скитници кои потоа ќе бидат згрижени во објект на комунална хигиена, за кои советот на Општина Тетово одобри средства за негова пренамена. Но денес на истото место, бездомните животни слободно се шетаат. Наместо во стационар ги има насекаде низ градот сеејќи страв, а шират и заразни болести.
Ветувањата на градските власти беа дека ќе се заловуваат по дваесетина кучиња, ќе се вакцинираат и чипираат. Паралелно според Арифи, проблемот се решава и на регионално ниво. Како што рече без заеднички пристап на сите општини од полошко, не е возможно целосно да се згрижат бездомните животни.
Поради големиот број на кучињата скитници, често се регистрираат случаи на труења на кучиња скитници. Но досега ниту еден од овие нехумани случки не е откриен.
Зоран Димовски