
Безбедносни предизвици на Западен Балкан и ЕУ
Заштита, исхрана и соодветно сместување на бегалците и мигрантите е еден од врвните приоритети во миграциската политика на Европската унија. На овој план, таа финансиски ги поддржува земјите од Западен Балкан со 390 милиони евра, посочи еврокомесарот Аврамопулос.
-Мора да се погрижиме сите мигранти и бегалци да се сместени во објекти соодветни за таа намена. Ова е врвен приоритет и тоа е причина зошто работиме со партнерите од регионот за да ги зајакнеме нивните капацитети за прифаќање и нивните системи за азил, рече Аврамопулос.
Македонија има два транзитни центри за мигранти. Нема потреба од дополнителни бидејќи нема најави за поголеми миграциски бранови, како оној од 2015-та, посочи министерот Спасовски.
Земјите од Западен Балкан и ЕУ договарале заеднички одговор и за други заеднички предизвици, како што се тероризмот, криминалот, корупцијата, шверцот. Финска како покровител на форумот изрази јасна поддршка за процесот на проширување на Унијата.
-Проширувањето на ЕУ е алатка за промовирање стабилност, мир и благосостојба во Европа. Иднината на земјите од Западен Балкан е во рамки на Европската унија. Сепак, сите критериуми за членство мора да се исполнат, особено реформите за владеење на правото. Сакаме да видиме поголем напредок во слободата на медиумите, борбата против коруцијата и организираниот криминал иако е очигледно дека голем напредок веќе е остварен, оцени министерката за внатрешни работи на Финска, Марија Охисало.
-Јас тука стојам на европска почва, во регион што припаѓа на Европа – историски, политички и културно. Единствена разумна и реална иднина е европската иднина, бидејќи тие се дел од Европа. До колегите од Европската унија што се плашат од овој процес! Ги предупредувам дека треба да се плашат од спротивниот исход – дека ќе ги оттурнат од нас нашите најблиски партнери, подвлече еврокомесарот за внатрешни работи, Димитрис Аврамопулос.
Овој форум заврши со потпишување спогодби за соработка, поради што комесарот Аврамопулос го смета за најуспешен од последните шест.
Соња Николовска