Без приклучок за парно, нема одобрение за градба на нови згради

Повеќе нема да може секој да се грее на што сака. Инвеститорите на нови згради нема да добијат одобрение за градба ако не наведат дека зградата ќе ја приклучат на системот за парно греење. Регулаторна ќе инсистира во новиот Закон за градење кој се работи во моментот тоа да влезе како обврска за инвеститорот. Бислимоски вели земјава е увозно зависна од енергенси, од странство увезуваме 30 проценти од  електричната енергија и не може секој да прави што сака.

  • За да немаме случаеви згради кои што се наоѓаат покрај топланиве во Скопје да не се приклучуваат на топлинска енергија и наводно ќе се грееле на струја. Значи тоа е апсолутно нелогично решение и ние како РКЕ во нашите надлежности ќе се спротиставиме на тоа. Имајќи во предвид дека овој тип на издавање на одобренија за градење е веќе дефиниран во земјите од ЕУ. И не може секој да си прави како што сака кога постои во таа зграда организиран начин на затоплување. Ние не сме богата земја енергетски па да правиме и да се изживуваме во системот. – вели Бислимоски.

Од МЕПСО  тврдат дека мрежата е стабилна и нема да се преоптовари со владината мерка за субвенција на клима уреди со која ќе се поделат 10 милиони евра на 10.000 домаќинства во земјава кои печките ќе ги заменат со инвертер.

  • Прекините не беа од преоптоварувањето. Затоа што и анализите за инверторите се направени и мрежата е спремна – вели Ева Шуклева, директорка на МЕПСО.

Оваа грејна сезона парното останува кај БЕГ, а потоа ќе се разгледува барањето на Град Скопје за преземање на мрежата. Инаку околу 54.000 домаќинства во Скопје се приклучени на парно греење, а исклучени се 14.000 станови.

 

Александра Филиповска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ