Берзата во црвено по референдумот

Берзата со реакција на референдумот, неговиот исход ја намали вредноста на акциите, отиде во црвено берзанскиот индекс. Најсилниот пад беше регистриран во понеделникот, МБИ 10 забележа минус од 2,3 проценти, а па благ раст наредниот ден, денеска повторно намалување за близу 1 процент.

Брокерите велат, нормално е да се намалува цената на акциите во време кога во земјава продолжува политичката неизвесност.

„Реакцијата на пазарот на капитал беше очекувана, бидејќи пред одржувањето на референдумот имаше зголемен оптимизам, со очекување дека исходот од референдумот ќе биде позитивен и Македонија ќе влезе воп процесот на евроатлантски интеграции. Но, поради исходот од референдумот, кој ја остави политичката неизвесност и натаму во Македонија, првата реакција беше негативна, имаше пад во понеделникот за 2,3 отсто, потоа стабилизација, денеска пак пад, но и натаму останува таа неизвесност на пазарот на капитал“, вели Горан Марковски, главен извршен директор на КБ Публикум инвест.

Во време кога цените на акциите паѓаат, деновиве расте прометот и бројот на трансакциите на Берзата. Познавачите со сгтав, за инвеститорите сега е добро време да купуваат акции, бидејќи најголем дел од компаниите имаат добри резултати оваа година, дури и над очекувањата, а такви и ќе останат, ако нема посериозни политички нарушувања. Во прилог на тоа одат и добрите дивиденди што ги делат фирмите.

Во земјава, за жал, во последниве години постои перманентна политичка нестабилност, вели Марковски, па компаниите, наместо да размислуваат за раст и развој, гледаат само да се прилагодат. За тоа да се смени, потребна е политичка стабилност.

Што ќе значат за Берзата се поикизвесните предвремени парламентарни избори?

„Суштинско прашање, според мене, не се изборите, туку евроатлантските перспективи, дали ќе ги има или не. Лично мислам дека ако одиме по тој зацртан пат, ќе има зголемување на економскиот раст, зголемување на профитот на фирмите и така ќе се динамизира пазарот на капитал. Во спротивно, во недефинирана перспектива, не може да очекуваме бизнисот да размислува за идни инвестиции, раст и развој“, вели Марковски.

Марковски се надева дека и доколку има ново политичко одмерување на силите, крајниот резултат ќе биде позитивен за земјава во поглед на приближувањето кон ЕУ и НАТО.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ