Бензините поевтинуваат, другите цени отпорни, не одат надолу

Горивата драстично поевтинуваат во последниов месец, но цените на сите други производи се чини како да се отпорни на намалувањата, тие и натаму остануваат исти. Производителите, трговците, но и превозните компании, во услови кога растат цените на бензините и дизелот не чекаат многу за да ги поскапат своите продукти и услуги, велат дека тоа им ги зголемува трошоците и тоа мора да влијае на крајната цена. Но кога има спротивно надолно движење кај нафтените деривати, не сакаат ни да чујат за поевтинување на својот асортиман.

Од ноќеска на полноќ, како што одлучи Регулаторната комисија за енергетика, бензините поевтинуваат за четири, а дизелот и екстра лесното масло за домаќинство за 3,5 денари. Ова е трето спуштање на цените, како последица на падот на вредноста на нафтата на светските берзи, која од 86 долари за барел се симна на 58, или за 33 проценти. Па така, ако на 15 октомври годинава кога беше достигнат пикот на највисоките цени, бензините Еуросупер БС 95 и БС 98 чинеа 74,5 и 76,5 денари, а дизелот 69 денари за литар, по што цените почнаа да се намалуваат, со денешното последно поевтинување Еуросупер БС 95 ќе чини 63 денари за литар, 98-ката ќе се продава за 65 денари, а литар дизел ќе чини 61 денар. Овој тренд на пад на светските пазари се очекува и во наредниот период, што значи дека за две недели регулаторите повторно ќе донесат одлука за намалување на цените на бензините и дизелот.

Но ова како да не значи ништо за компаниите. Телма контактираше со неколку производители на леб и пекарници во земјава, дел воопшто не сакаат да зборуваат, други, пак, само велат дека и покрај поевтината нафта, на берзите многу пораснала цената на пченицата, па тие заради тоа не можеле да ги намалат цените на лебот. За намалувања не се подготвени ниту големите трговски ланци, велат постојано имаат акции со достапни цени за граѓаните.

Од градскиот превозник ЈСП Скопје, пак, тврдат – апсолутно е неточно дека ги зголемувавме цените на билетите кога растеше цената на бензините и горивата. Напротив, велат, билетите не поскапеа во изминативе речиси 3 години, и покрај тоа што од 2015 година досега, е забележан пораст на цената на горивата за 40,4 отсто.

„Намалувањето на цената на горивата во последниов период нема да има никакво влијание врз цената на билетите за јавниот превоз. ЈСП Скопје не планира да бара корекција на цената, поточно, не размислува за намалување на цените на билетите“, велат од ЈСП Скопје.

Од Организацијата на потрошувачи сметаат дека во услови на пазарно ориентирање на цените, компаниите си го гледаат пред се својот профит, и тешко е како да се заштитат потрошувачите.

„Никогаш кога цените одат надолу, не сме почувствувале подобрување за потрошувчите. А обратно, кога се зголемуваа, бевме исплашени за зголемување на цените на основните производи. Можеби и трговците, оние малите, се чувствуваат несигурни, ако претходно копга растеа цените губеле дел од профитот, сега кога им се зголемува профитот, си го чуваат за себе, зошто да го дадат на друг“, вели Маријана Лончар – Велкова, ОПМ.

Од Владата велат дека не се адреса на која треба да се обратиме за оваа тема, во услови на пазарно формирање на цените, тврдат дека тие немаат ингеренции да се мешаат во одлуките на компаниите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ