
Беља нов организациски директор на Гинекологија
По шест години Клиниката за Гинекологија и акушерство доби организациски директор. На позицијата именуван е Валон Беља од ДУИ, што претставува изненадување затоа што владата најавуваше укинување на овие позиции во државните клиники. Беља е поранешен претседател на артијата Албански сојуз, која подоцна се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател и од каде премина во ДУИ.
Беља стана познат во јавноста кога во 2016 година медиумите пренесоа дека како вработен во Општина Чаир, во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити, исто така од ДУИ, оставил куршум завиткан во салфетка. Случај кој се уште нема завршница.
Поранешниот министер за здравство Арбен Таравари, на почетокот на маднатот на оваа влада најави реформи со кои требаше да се укинат економските директори на клиниките, а парите што ќе ги заштедат од нивните плати да се дадат како награда на докторите. Тогаш дел од економските директори беа разрешени, а на нивно место не беа именувани нови, но 15 останаа на нивните работни места, од кои на седум клиники директори се од ДУИ.
На овие законски измени наводно се противи ДУИ, која бараа да им се најдат други работни места на нивните кадри. Министерот за здравство Венко Филипче минатиот месец изјави дека по направените проценки на дел од клиниките ќе останат организациските директори.