Бектеши: Се извинивме за грешните фотографии на „Дома си е дома“, одговорност ќе има само ако грешката е намерна

Човечки е да се прават грешки, не треба да се гледа само на негативната страна. Вака министерот за економија Бектеши ги правдаше грешните фотографии кои осамнаа на платформата „Дома си е дома“ на кои се промовираа ваучерите за домашен туризам со  украдени фотографии од езера од Германија и Франција. Бектеши не гледа одговорност во скандалот со кој се девалвира цела кампања за промоција на домашните природни убавини, вредна 10 милиони евра. Смета дека е доста тоа што се извиниле, а ќе има одговорност само ако грешката е намерна.

Ако  е направена намерна грешка секако дека ќе има одговорност. Треба да се има во предвид дека во рок од 7 дена да се креира платформа, да се подготват на таков транспарентен начин и да се издаваат 117.000 ваучери значи сметам дека секторот има знаење, работи професионално, а грешки секако дека секогаш може да има – изјави Бектеши.

Тој ја пофали работата на секторот за туризам, кој пак сега бил  ангажиран да одговари на над 30.000 мејлови кои стигнале до нив, од кои голем дел се поплаки од граѓани кои исполнувале услови, а не добиле ваучер.

Според Бектеши се користеле украдени фотографии од странски природни убавини, за да се  испрати порака до граѓаните дека ние сепак немаме море, но имаме езера и планини.

Што се однесува до сликата ние веќе како министерство за економија се извинивме, но симболиката откако беше направена платформата „дома си е дома“ беше да даваме пример истовремено да даваме порака дека иако немаме на некаков начин море во нашата држава ако ја гледате сликата, да имаме планини,имаме езеро- рече Бектеши.

Социјалните мрежи пак се уште вријат од шеговити предлози на твитерџиите. Така кулите близначки во САД се споредуваат со Марковите кули во Прилеп. Преку Швајцарските скијачки центри твитерџиите го „промовираат“ Копанки на Пелистер, а егзотичните светски плажи „добиваат лик“ на тие во Дојран.

За изработката на платформата, министерството, преку договор во четири очи ангажирало фирма на која ќе и плати 16.000 евра.

Александра Филиповска

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ