Беќири: Али Ахмети и потесното раководство, со своите постапки придонесоа да се случи инцидентот

Назми Беќири од Куманово еден од основачите на ДУИ и поранешен потпретседател на партијата, смета дека Али Ахмети и потесното раководство, со своите постапки придонеле да се случи вооружениот инцидент во Мала Речица, во кој загина Наип Реџепи од Куманово, а двајца се здобија со тешки повреди.

Тој преку својот Фејсбук профил ги опишува настаните кои му претходеле на крвавиот инцидент.

Вели дека несогласувањето меѓу спротиставените страни на кумановскиот огранок на ДУИ ги знаеле сите, но никој од раководството не презел превентивни мерки, напротив партијата со своите постапки и одлуки, ги разгорела страстите.

Тој ги потврди шпекулации во јавноста дека инцидентот настанал откако во  во петокот во партиското седиште се гласало за листата за претседател и членови на претседателството на кумановскиот огранок на ДУИ. Учесниците во инцидентот вели, биле присутни на партискиот состанок во Речица.

Тој потенцира дека раководството и Ахмети за членови на престедателството на кумановскиот огранок предложиле лица и од двете раскарани групи, што според него не било случајно. Тој присутвувал на состанокот во Речица пред да се случи убиството и побарал да се поработи на прашањето на помирување на завојуваните страни, па потоа да се расправа и гласа за овој предлог.Реагирал и поради начинот на гласање за партиските тела од Куманово, но и покрај тоа вели предлозите од Ахмети тој ден беа изгласани со мнозинство гласови.

„Меѓу другото, во ова потсетување подвлеков дека оваа гранка на партијата, некогаш на одржала изборно собрание, но дека нејзините претседатели биле назначувани, и кои еден после друг сите си даваа оставки, и истовремено сите имале конфликти и расправии се тепале, и со жалење морам да кажам дека имало и убиства. И повторно да се продолжи на ист начин не ми изгледа логично. По овој говор, лидерот го стави на гласање предлогот и сите гласаа за него. И остави го гласањето, но на излегување за време на поздравувањето со лидерот му честитаа за овој начин на работа и со мимики на лицата и рацете кои беа очигледни, најверојатно му велеа дека го изиграа Назми.“

Беќири заминал од партиското седиште пред инцидентот, а веста за расправијата и убиството ја примил околу еден час подоцна

По пристигнувањето дома во Куманово, им се јавил на неколку блиски луѓе од партијата да интервенираат и да ја смират ситуацијата, но нивниот одговор бил дека не можат ништо да направат во тие моменти.     

„Значи, вие кои се избравте за членови на претседателството на огранокот без основа, вие кои ги предложивте овие и начинот на оваа работа, вие кои не послушавте, вие кои гласавте, интервенирајте за смирување и зближување на овие две засегнати семејства, или ќе продолжам да го барам стенограмот на мојот говор. Во спротивно нема да запре пролевањето на нашата крв. Доста со мафијашки дела, бидејќи нашата крв се пролева, на невини луѓе од Куманово.“ 

Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 12 лица за сторено дело убиство и соучесништво по оружената престрелка во Мала Речица. На 10 од нив одредена им е мерка притвор од 30 дена, едно лице е на болничко лекување, по еден учесник се уште се трага.

Инцидентот се случи на една од улиците во Мала Речица на околу 300 метри од партиското седиште на ДУИ.

Зоран Димовски

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ